Tufan Aktaş,Gökhan Kavak,İrem Demir
26 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ На Турско-африканскиот самит за медиуми се дискутира за предизвиците со кои се соочуваат новинарите и медиумскиот сектор во време на глобалната дигитализација, известува Агенција Анадолија (АА).
Во Истанбул, под раководство на Претседателството за комуникации на Турција, се одржува Турско-африканскиот самит на медиуми на кој новинари од Намибија, Гвинеја, Сенегал и Турција ќе зборуваат на панелот насловен „Новинарството во услови на дигитална опсада“.
На настанот што се одржува по повод 25 мај - Денот на Африка, покрај 80 новинари од 45 африкански земји, учествуваат и африкански дипломати, директори на јавни институции, претставници на медиуми, академици, претставници од приватниот сектор и од невладините организации.
‒ „На вести веќе не се троши време како порано“
Заменик-уредникот на линијата за потврда на Агенција Анадолија, Омер Фарук Ѓорчин, истакна дека вестите почнаа да се примаат со посредство на социјалните медиуми наместо преку радио, весници и телевизија, како што тоа беше во минатото.
Изјавувајќи дека социјалните медиуми станале примарен извор на вести и дека групи со различни политички интереси, почнале да објавуваат содржини што се отворени за манипулација насочени кон држави и компании, Ѓорчин продолжи со зборовите: „Поради ова, всушност, се смени и производството на вести. Новинарите повеќе не трошат многу време на вести како порано. Повеќе не се трошат пари на една вест како порано.“
Упатувајќи самокритики во своето обраќање, Ѓорчин истакна: „Ова стана еден вид трка и наместо да трошиме повеќе време на продуктивност и истражување, сега е поважно ‘Ајде да подготвиме содржина која ќе биде попривлечна’, а со тоа, се разбира, се менува работата од аспект на новинарите кои сакаат да работат квалитетно, принудувајќи ги да се пренасочат себеси во поинакви правци.“
Ѓорчин, зборувајќи дека новинарите сега се принудени да ѝ посветат поголемо значење на личната обука, рече: „Сите се зафатени од загадувањето на информациите и дезинформациите што се објавуваат на социјалните мрежи. Затоа, очекуваме повеќе образовани луѓе, новинари кои се добро потковани со знаења за да можат да го препознаат загадувањето на информациите и дезинформациите пред тие да се појават, и повеќе такви новинари.“
Осврнувајќи се на темите поврзани со етиката, Ѓорчин го даде следниот коментар: „Сега, продуцентите на видеа, продуцентите на содржини, па дури и оние кои од работа само твитаат, пишувајќи текст од 280 карактери, почнаа да се претставуваат себеси како новинари и воопшто немаат никаква грижа за каква било одговорност, бидејќи работат без да бидат на било кој начин дел од некоја институција.“
Зборувајќи дека во составот на Агенција Анадолија е формиран деск за потврда, Ѓорчин продолжи со зборовите:
„Тука всушност се занимаваме со следното: Дали за тоа може да се одговара? Се обидуваме да испитаме кој е изворот на веста, кој ја објавил или кои групи на интерес стојат зад таа вест и тоа да го споделиме со нашите читатели.“
‒ „Дигитализацијата му нанесе сериозен удар на истражувачкото новинарство“
Ронел Матилда Радемаер, уредничката на намибискиот весник „Републикен“ (Republikein), рече дека традиционалните медиуми стагнираат со дигитализацијата, приходите на печатените медиуми се намалени и многу квалитетни новинари морале да го напуштат новинарскиот живот.
Истакнувајќи дека со дигитализацијата неточните информации почнале брзо да се шират и започнале да се објавуваат дезинформации, Радемаер посочи: „Истражувачкото новинарство е тешко погодено од дигитализацијата. Контекстот и длабочината се изгубени. Физичкото и менталното здравје на новинарите се под сериозна закана.“
Зборувајќи за насилството преку интернет, Радемаер рече: „Некои од нашите новинарки добија смртни закани од луѓе кои се против вакцините. Моравме да го ограничиме покривањето на некои теми за да ги спасиме животите на нашите пријатели.“
Сејнабу Диоп, генералниот директор на Сенегалската радио и телевизиска корпорација, зборувајќи дека Сенегал сè уште им придава значење на печатените медиуми и не сака да биде под опсада на дигитализацијата, го даде следниот коментар: „Но сепак, принудени сме да бидеме во чекор со дигитализацијата.“
Потсетувајќи дека најважна работа за новинарите е кредибилитетот и доверливоста, Диоп истакна дека дигитализацијата треба да се обликува на тој начин што ќе го поддржи тоа.
Ламине Гуираси, основач на групацијата „Хадафо Медиа“ (Hadafo Medya) од Гвинеја, рече дека во 2012 година во Гвинеја е воведен нов новинарски процес, особено на интернет, и додаде: „Денес, младите луѓе кои не сакаат да користат радио или телевизија, во истиот момент можат да пристапат до вестите преку интернет.“
Укажувајќи на важноста дека во денешниот дигитален свет треба да се биде внимателен или да се биде свесен за неговото значење, Гуираси истакна дека информациите веднаш се рефлектираат во медиумите, што може да се сфати како предност, но додаде дека е премногу зголемена важноста на каналите „блогер“, „инфлуенсер“, или авантурите на социјалните медиуми.