Sarp Özer
11 Јануари 2021•Ажурирај: 12 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, во однос на повторното тврдење на францускиот министер за одбрана дека „францускиот брод е вознемируван“, рече дека францускиот министер за одбрана повторно ги има испомешано настаните, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Претпоставувам дека францускиот министер за одбрана ги испомеша настаните. Во една изјава за медиумите повторно користеше јазик во кој се обвинува Турција. Тоа го одбиваме силно, такво нешто нема.“
Под претседателство на Акар, преку видеоконференција се одржа состанок на кој присуствуваа началникот на Генералштабот на турската Армија, генерал Јашар Ѓулер, и командантите на силите, замениците-министри Јунус Емре Караосманоглу и Алпаслан Каваклиоглу.
На првиот состанок во новата година, на кој се разгледуваа случувањата во Источен Медитеран, антитерористичките операции и преземените мерки во борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19), министерот Акар рече дека Турските вооружени сили поминуваат низ напорен период.
Наведувајќи дека со решителност продолжуваат антитерористичките операции, министерот Акар нагласи: „Се надевам дека и отсега понатаму ќе ги извршуваме задачите што ни се доделуваат, во дијалог и координација со иста сериозност и искреност.“
- „Секој треба да ги види нашите придонеси“ -
Министерот Акар, реагирајќи на неоснованите тврдења за Турција, рече:
„Турските вооружени сили (ТСК) ја спроведуваа активната улога во НАТО на најефикасен начин, на највисоко ниво и ќе продолжат да ја спроведуваат. Кога ќе го погледнете учеството во операциите, вежбите, ние сме на петто место. Во однос на финансиската поддршка што Турција ја дава на НАТО сме на 8. место. Затоа, никој не може да го суди нашиот однос со НАТО. Секој треба да ги види, разбере и да не ги игнорира нашите придонеси таму. Тоа не е погодно ниту на правдата, ниту на духот на сојузот, ниту пак на односите меѓу членките на Алијансата.“
Посочувајќи дека Турските вооружени сили (ТСК) имаат активности од Авганистан до Косово, од Медитеранот до Јадранот, со цел НАТО да придонесе за мирот во регионот и светот, министерот Акар нагласи: „Никој нема право да зборува на оваа тема.“
Хулуси Акар, во однос на повторното тврдење на францускиот министер за одбрана дека „е вознемируван француски брод“, додаде:
„Јасно се виде дека тврдењата изнесени од Французите се неосновани и не ја одразуваат вистината. Француски власти се обидоа да ги прикријат овие прашања со забавување на работата на властите на НАТО. Претпоставувам дека францускиот министер за одбрана ги испомеша настаните. Во една изјава за медиумите повторно користеше јазик во кој се обвинува Турција. Тоа го одбиваме силно, такво нешто нема. Сите информации ги имаме.“
Турскиот министер, исто така, наведувајќи дека очекуваат извинување од Франција за тие тврдења, рече дека очекуваат да ги видат фактите за настанот и да ги прифатат.