Sarp Özer
23 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денес изјави дека Грција продолжува со провокациите, напоменувајќи дека тоа не е решение и дека Турција сака сите проблеми да се решаваат во согласност со меѓународното право, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашите грчки соседи ги преземаат сите напори со своето делување и реторика да го испровоцираат и саботираат овој позитивен курс. Сакам да ги потсетам дека тоа не е излез и решение“, рече Акар во обраќањето во текот на обиколката на повеќенаменскиот јуришен брод „TCG Anadolu“, кој сè уште е во изградба во бродоградилиштето „Седеф“ во Истанбул.
Акар го придружуваа началникот на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили, генерал Умит Дундар, командантот на Морнарицата, адмирал Аднан Озбал, и командантот на Турското воздухопловство, генерал Хасан Кучукакјуз.
Акар во своето обраќање потсети дека Турција има постигнато голем напредок во секторот на домашната и националната одбранбена индустрија во последните неколку години благодарение првенствено на лидерството на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Тој, исто така, порача дека Турција во наредните години ќе продолжи со преземањето неопходни чекори за дополнително јакнење на одбранбената индустрија.
Додаде дека турската домашна и национална одбранбена индустрија веќе одамна самостојно произведува значајни одбранбени системи, компоненти и потсистеми, напоменувајќи дека Турција веќе извезува секаков вид лесно оружје, топови, хеликоптери, бродови, беспилотни летала, вооружени беспилотни летала и електронска опрема во одбранбената индустрија.
Турскиот министер потсети дека Турција успешно ја продолжува борбата против тероризмот во рамките на земјата и во странство.
„Нашата единствена цел во оваа борба се терористите“, рече Акар, додавајќи дека досега се неутрализирани 124 терористи во операциите „Канџа-молња“ и „Канџа-гром“.
„Уништени се засолништа на терористите, а и понатаму ги уништуваме. Во борбата против тероризмот само од 1 јануари неутрализирани се 1.107 терористи“, рече Акар, додавајќи дека е јасно дека нема разлика помеѓу ЈПГ и ПКК.