Zafer Fatih Beyaz
15 Јули 2023•Ажурирај: 16 Јули 2023
Националната разузнавачка служба на Туркије (МИТ) неутрализира висок оперативец на терористичката организација ПКК/КЏК-ПЈД/ЈПГ во Северна Сирија, соопштија турски безбедносни извори, пренесува Анадолу.
Неутрализираниот терорист бил одговорен за неколку бомбашки напади во Џараблус во 2019 година, како и за нападот со автомобил-бомба во Африн во 2020 година, во кој загинаа 40 цивили, меѓу кои 11 деца, а 47 лица беа повредени.
Хејсем Џума, со кодно име Хејсем Абу Дахам, функционирал во Манбиџ, Сирија, и пренесувал оружје за да ги нападне зоните ослободени од терористи од страна на турските сили во Северна Сирија, пред сѐ, во зоната каде што беше реализирана операцијата „Штитот на Еуфрат“, рекоа изворите под услов да останат анонимни поради ограничувањата за разговор со медиумите.
Џума бил неутрализиран од МИТ на 9 јули во операција во центарот на градот Манбиџ.
Во својата повеќе од 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на речиси 40.000 луѓе, вклучително жени, деца и доенчиња.
Од 2016 година Туркије започна три успешни прекугранични антитерористички операции во Северна Сирија за да спречи формирање на терористички коридор и да овозможи мирно населување на жителите. Овие операции, за кои станува збор, се „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019).