Elvir Hociç
25 Јуни 2018•Ажурирај: 25 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - На улиците во градовите низ Турција излегоа голем број граѓани кои ја прославуваат изборната победа на Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија за правда и развој (АК Партија) на денешните избори во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Според првичните неофицијални и непотполни резултати од предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган е во предност со 52,93 отсто освоени гласови, пресметани врз основа на 93,74 отсто пребројани гласови.
Ердоган во Истанбул се обрати на јавноста и им се заблагодари на гласачите за довербата, при што порача дека со речиси 90 отсто од излезноста, Турција уште еднаш на светот му одржала лекција за демократијата.
Илјадници симпатизери на Ердоган и АК Партијата, излегоа на улиците на турските градови, вклучувајќи ги градовите Истанбул, Анкара, Ерзурум, Измир, Бурса и Коња.
Централниот собир се одржува во Анкара пред седиштето на АК Партијата, каде што наскоро се очекува и доаѓање на Ердоган, кој од балконот на зградата ќе им се обрати на присутните.
Денешните избори во Турција протекоа со зајакнати безбедносни мерки и без поголеми инциденти.
Станува збор за историски избори, по кои Турција преминува од парламентарен на претседателски систем на управување.