Muhammed Boztepe
03 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Мухамед Бозтепе - Во Егејското Море во 2015 година настрадаа 806 мигранти, во 2016 година 434, а минатата година 61 мигрант. Според тоа, бројот на мигранти кои настрадале во Егејското Море во 2017 е помал за 85 отсто во однос на 2016 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Многу мигранти од Азија и Африка, ги користат Турција и Егејското Море како рута до европските земји.
Податоците на Меѓународната организација за миграции (IOM) покажуваат дека во 2015 година околу милион лица, кои биле принудени да ги напуштат своите домови, се обиделе илегално да преминат преку Егејското Море во Европа.

Екипите на Крајбрежната стража во координација со безбедносните сили на Турција настојуваа да ги спречат илегалните миграции во земјата, во што во голема мера и успеаја.
Водејќи се по принципот дека човечкиот живот е најважен, екипите на Крајбрежната стража беа активни 24 часа дневно. Така, во 415 интервенции во 2017 година спасени се 816 лица.
Надлежните органи вложија голем напор во воспоставувањето на безбедноста на море, а екипите на Крајбрежната стража во морињата на кои Турција има излез, организираа вкупно 3.066 акции.
Во обид за илегален премин од Турција во Грција, екипите на Крајбрежната стража во 2015 година фатија 91.611 мигранти, во 2016 година 37.130, додека минатата година фатени се вкупно 21.937 мигранти. Обидите за миграција од 2015 година се намалени за 97 отсто.
Во 2015 година, бројот на дневни илегални преминувања од Турција во Грција изнесуваше 2.339, додека во 2017 година е намален на 79 илегални преминувања на ден.
Акциите на екипите на Крајбрежната стража не беа само фокусирани на илегалните мигранти, туку и на организаторите на таквите видови миграции. Така, во 2016 година беа приведени 118 криумчари, додека во 2017 година приведени се 171 криумчар.
Криумчарите на луѓе, чии активности се значајно отежнати во Егејското Море, во август во 2017 година се ориентираа кон Црното Море. Така, во осум интервенции на турските безбедносни сили меѓу 13 август и 27 ноември 2017 година, беа фатени 874 мигранти и десет криумчари.
Во истиот период, романската страна фати 537 мигранти и приведе 12 криумчари. Преземените мерки спречија Црното Море да стане нова мигрантска рута.
Засилени се и акциите на спречување криумчарење на дрога по морски пат.
Во акција во јуни 2017 година, на бродот „Commander Tide“ кој пловел под знамето на Демократска Република Конго, запленети се еден тон и 71 килограми хероин, најголемо количество наркотици запленето одеднаш во морскиот простор на Турција.
Во слични акции организирани минатата година запленети се над 293 килограми кокаин, 2,16 тони марихуана и 11.000 таблети синтетичка дрога.