Meryem Göktaş
27 Септември 2018•Ажурирај: 29 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за транспорт и инфраструктура, заедно со Дирекцијата за цивилна авијација, издаде дозволи за уште девет дестинации во Турција кои ќе можат да организираат популарни летови со балони, јавува Anadolu Agency (AA).
Кападокија, во централната турска област Невшехир, позната е како подрачје кое ги привлекува туристите, покрај останатото, и поради летовите со балони над пространата област со конусоидни карпести формации.
Само во 2017 година, во прекрасната птичја перспектива, во летовите со балони над познатото туристичко место уживале 329.390 туристи.

Деветте нови дестинации кои ќе ѝ се придружат на Кападокија и ќе придонесат во туризмот во Турција се подрачјето Буџак, во турската област Бурдур, градот Памуккале во Денизли, подрачјето на Козан во Адана, Ахлат во турската област Битлис, Полатли во главниот град Анкара, подрачјето на Ихсаније во Афионкарахисар, и подрачјата на Сејитгази во Ескишехир, Бафра во Самсун и Ихлара во турската област Аксарај.
Со цел понатамошно развивање на потенцијалот на земјата во секторот на летови со балони, Дирекцијата за цивилна авијација, исто така додели лиценци за пет компании за летови со балони за комерцијални активности во регионот на Памуккале.
Турција го зазема првото место во светот по комерцијалните активности на полето на летови со балони во однос на сообраќајниот обем, бројот на патници и според бројот на денови погодни за летање.
Според податоците на Дирекцијата за цивилна авијација, во Кападокија со летови со балони се занимаваат 25 компании со вкупно 239 балони на топол воздух, кои работат 260 дена во годината.
Европските земји како што се Германија, Велика Британија, Франција и Холандија, поради временските услови може да изведуваат летови со балони не повеќе од 60 дена во годината.
Само Кенија е земја која со 150 до 170 дена годишно е најблиску до Турција, според деновите во кои временските услови дозволуваат летови со балони на топол воздух. Во Австралија, летови со комерцијални балони може да се изведат од 110 до 120 дена во годината, а вкупниот број на балони со кои располага изнесува 100.