Handan Kazancı,Büşra Nur Çakmak,Rabia İclal Turan,Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
11 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
АНТАЛИЈА (АА) - Започна вториот Дипломатски форум во Анталија (АДФ), медитеранска област во јужна Турција, на кој ќе се соберат политичари, дипломати, креатори на јавното мислење и интелектуалци од целиот свет за да разговараат за глобалните прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Второто издание на престижниот собир започна со панел-дискусии, по што следуваа воведни говори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Форумот, чиј комуникациски партнер е Агенција Анадолија, ќе трае до недела и вклучува голем број панел-дискусии на кои учесниците ќе разговараат за широк спектар теми поврзани со меѓународните односи. На Форумот учествуваат и бројни политичари од регионот.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, се исто така меѓу учесниците на Форумот.
И ерменскиот министер за надворешни работи, Арарат Мирзојан, е исто така, присутен на Форумот во Анталија, а допатува вчера заради тековните разговори за нормализирање на односите меѓу Ерменија и Турција.
Форумот се одржува во Конгресниот и изложбен центар НЕСТ во Анталија на тема „Прекодирање на дипломатијата“.
Истакнати лидери и дипломати од различни земји ќе одржат дебати од глобално значење, вклучувајќи ги „Цената на мирот, цената на војната“ и „Патеките до мирот и просперитетот“.
Демократското владеење, лидерството и дипломатијата, енергетската безбедност, борбата против расизмот и дискриминацијата, нерегуларната миграција, преиспитувањето на безбедноста во Европа, климатските промени и енергетската транзиција, зелената економија и зајакнувањето на улогата на жените се дел од панел-дискусиите планирани за овој настан.
Покрај панелите, Форумот ќе биде домаќин на специјални гости, тркалезни маси и други настани.
„Учесниците ќе се занимаваат со широк спектар на теми од меѓународните односи во рамки на сеопфатната тема „Прекодирање на дипломатијата“.
Дипломатијата навистина се трансформира. Нејзиниот јазик и методи се менуваат. „Конкуренцијата, раздорот, па дури и конфликтите, се постојани во меѓународните односи и влијаат на човештвото со променлива динамика“, се вели на веб-страницата на АДФ.
Исто така, се наведува дека новите флуктуации во глобалните работи, придружени со пандемијата на Ковид-19, ја зголемија потребата за трансформација и им дадоа дополнително значење на односите држава-поединец, како и технолошките иновации.
Форумот започна еден ден по состанокот на министрите за надворешни работи на Турција, Украина и Русија во Анталија, со цел да се постигне договор за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
Минатата година, Дипломатски форум во Анталија се одржа на тема „Иновативна дипломатија: Нова ера, нови пристапи“.