Abdullah Çelik,Aydın Arık,Gani Cihan Eser
19 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
БИНЃОЛ (АА) – Денес е организиран Марш за национално единство во чест на загинатите херои во Бинѓол, источна Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓаните кои се собраа пред саат-кулата во центарот на населбата Јенишехир скандираа слогани како: „Хероите не умираат, татковината не се дели“, „Нека бидат скршени рацете што посегнуваат по знамето“, „Татковино – мојата душа нека биде твоја жртва“ и „Пекол за тираните“. Со ова, тие ги осудија предавничките напади на ПКК.
Граѓаните истакнаа големо турско знаме и, скандирајќи, маршираа кон плоштадот „Загинатите херои од 15. јули“.
Во име на граѓанските организации, изјава прочита Наим Тан, претседателот на Здружението за човекови права и на семејствата на ветерани и загинати херои во Бинѓол.
Тан истакна дека го осудуваат тероризмот и упати благодарност до граѓаните што учествуваа на настанот по обидот за државен удар од 15. јули, како и против терористичките напади.
„По 15. јули, една по друга ги добивме вестите за паднатите војници во Бинѓол, Хакќари, Елазиг, Битлис, Газиантеп, Истанбул и последните во Кајсери. Знаеме дека овие напади не се неповрзани со обидот од 15. јули, затоа што, терористичките организации како ПКК, ФЕТО, ДАЕШ, ДХКПЏ, се во рацете на еден центар, сите се пиони на еден глобален ум. Колку и да им се различни пакувањата, тие се ист производ и се управувани од една рака“, рече Тан.
„Оваа држава е нашата најголема вредност. Одбраната на оваа држава е примарна должност за секој турски државјанин“, нагласи Тан.
Тој исто така истакна дека негова желба е да видат сите, и пријателите и непријателите, дека и Турците и Курдите, и Заза, и Лаз и Черкез, сите единствено и заедно стојат исправено против теророт и ударите.
„Нашата држава е голема и има сила да ги сотре тероризмот и силите што стојат зад него. Никој не треба да се сомнева во ова. Не е време кога треба да го изгубиме разумот поради тага и болка, туку е време кога со единство, заедништво и смирено ќе направиме чекор кон уништување на теророт, од корен. Нашиот народ е голем народ. Нашата големина ќе ја покажеме со спокоен став и реален пристап кон случувањата. Ние сме државјани на Република Турција. Поради загинатите херои, поради народот и граѓаните имаме природно право да бараме да бидат казнети членовите на ПКК кои самоволно одат на планина да се борат, како и оние што ги поддржуваат“, рече Тан.
На маршот учествуваа голем број луѓе, меѓу кои гувернерот Јавуз Селим Кошгер и градоначалникот Јуџел Баракази.