Gözde Bayar
18 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
АНКАРА
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, рано утрово изјави дека 4,5 милиони дози од вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“/„БајоНТех“ ќе пристигнат во земјата овој месец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи по состанокот на Научниот советодавен одбор за коронавирусот, Коџа соопшти дека првите 58.000 дози на вакцината, кои ќе се користат во тестирањата, пристигнале во Турција.
Тој истакна дека овој месец ќе пристигнат уште 4,5 милиони дози за администрирање, а во меѓувреме тестирањата на вакцината ќе бидат завршени.
Додаде дека вакцината ќе се дава на оние кои се на ред, и дека од следната недела ќе започне вакцинацијата на лица на возраст меѓу 60 и 65 години.
Очекувајќи можни проблеми во снабдувањето со вакцини, тој рече дека земјата презела конкретни чекори за надминување на проблемите со глобалниот пристап до вакцини и развојот на домашна вакцина.
Нагласувајќи дека во Турција се забележани мутирани варијанти на вирусот, Коџа рече дека мутираните вируси се пренесуваат полесно.
Тој ги повика граѓаните да не го потценуваат вирусот и ја истакна важноста од строго практикување на мерките.
„За жал, во повеќето од нашите области има зголемување на случаите во последните 15 дена“, соопшти Коџа, додавајќи дека резултатите сè уште не започнале да се рефлектираат во болниците.
Истакнувајќи дека за неколку месеци Ковид-19 веќе нема да биде масовен проблем, тој рече: „Човештвото го надмина очајот на 2020 година. 2021 година е година на надежта и победата.“
Вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“ е развиена од брачниот пар Озлем Туреџи и Угур Шахин, инаку деца на турски мигранти во Германија.
„БајоНТех“ има за цел оваа година да произведе вкупно 2 милијарди дози од вакцината во шест производствени капацитети во различни земји.
Во јануари Турција започна масовна кампања за вакцинација против Ковид-19, а постепеното нормализирање од рестриктивните мерки за коронавирусот започна на 1 март.
Според официјалните податоци, досега во земјата се администрирани над 12,35 милиони дози од кинеската вакцина.
Во Турција досега се регистрирани над 2,93 милиони случаи, вкупно 29.696 смртни случаи и над 2,75 милиони оздравени лица.