Sinan Özmüş,Murat Paksoy
16 Јануари 2016•Ажурирај: 17 Јануари 2016
АНТАЛИЈА (АА) - Осуммина просветни работници кои поради војната во Сирија пребегале во Турција, одлучиле, сфаќајќи ја важноста на обазованието и покрај ограничените можности, една стара куќа во Анталија да ја претворат во училиште и да им предаваат на децата кои дошле тука од воените подрачја, пишува Anadolu Agency (АА).
Нивната желба за подучување ја препознаа поголем број граѓани кои решија да им помогнат со донирање на книги и училишен прибор.
Децата секое утро и пладне во училиштето ги носи камионет. Меѓутоа, тие престојуваат во простории во кои нема греење.
Професорот по литература Мохамед ал-Хусен рече во разговор за Anadolu Agency (АА) дека децата претходно биле склони кон учење пцовки и почнале да крадат, што многу го растажило, па се решил децата да ги врати во училиште.
"Поради тоа размислував за училиште. Неколкумина пријатели решија да помогнат", рече Хусен.
Тој заедно со уште седум други наставници децата ги подучуваат турски, арапски и англиски јазик, литература и веронаука.
"Сè за децата. Не земаме пари од нив. Имаме четири одделенија. Дури и кујната ја претворивме во училница, само да имаме уште едно одделение повеќе. Меѓутоа, има само еден тоалет за 400 деца", појасни Хусен.
Истакна дека наставниците, со оглед дека нивните родители не се во можност да купат, пронашле начин за децата да обезбедат училишен прибор.
"Сакаме училиштето да стане официјална установа и децата да можат да добијат сведителства кога ќе го завршат одделението. Кога ќе се вратат во Сирија, да можат да покажат доказ за стекнато образование. На наставниците би требало да им се дава неделен или месечен хонорар. Бидејќи и тие имаат куќи и семејства. Овде е тешко да се живее. На крајот на краевите, ние сме гости. Доколку војната во Сирија заврши, ние ќе си одиме. Меѓутоа, ако овие деца останат необразовани, тоа е на штета на сите", рече наставникот Хусен.