Abdulkerim S. B. Topaloğlu
23 Октомври 2020•Ажурирај: 23 Октомври 2020
АДАНА (АА) - Поранешен питомец на Воената академија во Турција е осуден на 6 години и 3 месеци затвор за членување во терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (AA).
Пред 12. Кривичен суд во градот Адана се одржа завршното рочиште во случајот против С. Д., против кого се водеше постапка поради членство во терористичката организација ФЕТО.
Обвинителот истакна дека е утврдено дека обвинетиот преку јавни телефони и говорници во неколку наврати остварил контакт со високи припадници на терористичката организација.
Обвинетиот С. Д. ги отфрли обвинувањата тврдејќи дека нема никаква поврзаност со ФЕТО и побара да биде ослободен.
Меѓутоа, Судскиот совет го прогласи за виновен за „членство во терористичка организација“ и го осуди на 6 години и 3 месеци затвор.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.