Ekipa
18 Мај 2017•Ажурирај: 18 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, денес во Анкара порача дека ако Германија сака да ја напушти базата „Инџирлик“, тоа е одлука на таа земја и на Турција не ѝ преостанува ништо друго освен да ѝ посака среќа, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу се осврна на медиумските тврдења дека Германија може да ја напушти воената база „Инџирлик“ во Турција, откако пред неколку дена неговата земја не им издаде одобрение на германските парламентарци за посета на базата.
„Тоа е нивна одлука, и ние нема да ги молиме. Тие сакаа да дојдат и ние им дадовме место во коалицијата против ДЕАШ. Но, тоа не значи дека сè ќе биде онака како што тие сакаат. Тоа треба да го знаат. Ако сакаат да си одат, ние мора да им посакаме среќа", рече Чавушоглу.
Во воената база Инџирлик во јужна Турција, во моментов има 260 војници на Бундесверот и неколку германски авиони што учествуваат во коалициските операции против терористичката организација ДЕАШ во Сирија и во Ирак.
Чавушоглу исто така, се осврна на специјалниот претставник на САД за глобалната коалиција против ДЕАШ, Брет Мекгурк.
САД треба да го смени својот специјален претставник за борба против ДЕАШ, Брет Мекгурк, поради неговата поддршка на ПКК/ЈПГ во Сирија. Американската поддршка на ПКК/ПЈД е главната точка на несогласувањата меѓу Анкара и Вашингтон.
„Брет Мекгурк дефинитивно им дава отворена поддршка на ПКК и ЈПГ“, рече Чавушоглу, осврнувајќи се на сириската група. „Би било од корист, ако тој биде сменет“, додаде Чавушоглу.
Мекгурк беше назначен за специјален пратеник на коалицијата за борба против ДЕАШ од страна на поранешниот претседател Барак Обама во октомври 2015 година.
Три месеци подоцна, тој беше фотографиран заедно со милитантите на ПКК/ЈПГ во северниот дел на Сирија, што предизвика негодување кај турската влада, бидејќи терористичката група е сириски огранок на терористичката организација ПКК.
ПКК води вооружена кампања против Турција повеќе од 30 години, исто така таа се наоѓа на листата терористички организации и на САД и ЕУ.
САД ја сметаат ПКК/ЈПГ како главен сојузник во Сирија, и на почетокот од овој месец претседателот Доналд Трамп истакна дека САД ќе ѝ даде оружје на групата пред планираниот напад на Рака, едно од останатите упоришта на ДЕАШ.
Министерот Чавушоглу, овие свои забелешки ги истакна во интервју за телевизијата NTV, по враќањето од посетата на Вашингтон.
Тој истакна дека турските власти ѝ сoопштиле на администрацијата на Трамп дека официјалните претставници од времето на Обама може да придонесат за нарушување на односите меѓу двете земји.
Министерот ја опиша администрацијата на Трамп како поискрена од претходната, и додаде дека Турција има добиено гаранција дека оружјето дадено на ПКК/ПЈД нема да биде користено против Турција, и дека САД ќе го почитуваат територијалниот интегритет на Сирија.
„Ние им кажавме дека ЈПГ со учеството во операцијата за ослободување на Рака немаат за цел негово ослободување од ДЕАШ, туку имаат за цел прогласување независна во иднина“, рече Чавушоглу.
Американските официјални лица не се противеа кога Турција им соопшти дека би можела да ги нападне позициите на ПКК/ПЈД, како што тоа направи во воздушните напади минатиот месец, додаде тој.