Deniz Açık
01 Март 2019•Ажурирај: 03 Март 2019
ЕСКИШЕХИР (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција работи на целосно заедничко укинување на визните барања со Русија во блиска иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Презедовме чекори за укинување на визите со Русија. Ние вложуваме повеќе напори за целосно да ги укинеме во блиска иднина“, изјави Мевлут Чавушоглу за бизнисмените во централната област Ескишехир.
Чавушоглу, исто така, ги пофали и глобалните достигнувања на турските бизнисмени, велејќи дека во знак на успехот на турскиот деловен свет, турските производи се сега во секоја земја во светот.
Чавушоглу изјави дека турската надворешна политика одиграла значајна улога во овој успех.
Во врска со напорите на Турција за добивање ослободување од визниот режим за патување во ЕУ, тој изјави дека од 72 критериуми, само шест останале неисполнети.
„Сега преговараме за шесте критериуми“, појасни Чавушоглу и додаде: „Работиме на сеопфатни судски реформи со стратегија за реформа на правдата која наскоро ќе ја споделиме со јавноста“.
„Реформите ќе ги укинат пречките и ќе ја прошират слободата за турската јавност“, рече тој.
„Турција, исто така, врши притисок за ажурирање на својот договор за царинска унија со ЕУ“, рече Чавушоглу, додавајќи дека тоа ќе им користи на двете страни.
Минатиот месец, рускиот претседател потпиша декрет за укинување на визните барања за пасошите на турските службеници и возачи на камиони кои патуваат во Русија.
Новите правила важат за турските државјани со посебни пасоши за краткорочните деловни патувања, вклучително и за дипломатските мисии и конзуларните претставништва, како и за професионалните возачи кои превезуваат меѓународен товар.