Meltem Bulur
22 Јуни 2018•Ажурирај: 23 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција изјави дека неговата земја ја продолжува одлучната борба против тероризмот, и дека во овој контекст е многу значајна соработката помеѓу Турција и Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу гостуваше во емисијата на информативниот канал на Радио-телевизијата на Република Турција (TRT Haber), а во оваа пригода се осврна на актуелните случувања, меѓу останатото, и на борбата против терористичката организација ПКК.
Тој истакна дека неговата земја одлучно ја продолжува борбата против тероризмот во планините на северен Ирак, но истакна дека е потребно во „потполност да се исуши мочуриштето“.
Чавушоглу нагласи дека и на ирачката страна ѝ е познато дека терористите преминуваат на територијата на Турција, поради што е потребно и таму терористите да бидат искоренети во потполност.
Зборувајќи за операцијата покрената на подрачјето на планината Кандил во Ирак, Чавушоглу изјави дека повеќе нема проблеми како чекање информации за напад и дека Турција поседува соодветна технологија и можности.
„Кога целта се идентификува, многу брзо и без проблеми се уништува. Во тек е акција против водечките имиња на терористичката оргнизација која дава резултати", изјави Чавушоглу и додаде дека во потполност ќе ја исчистат земјата од терористите.
Шефот на турската дипломатија додаде дека тероризмот и за Иран претставува голем проблем.
„Фактот што денес не го напаѓаат Иран, не значи дека нема да го нападнат утре или два дена подоцна. Никој не може да каже дека тие не сакаат да ја распарчат територијата на Иран. За тоа е свесен и Иран. Во таа смисла, важно е секогаш да имаме соработка со Иран. Моментално меѓу нив постои своевидно примирје. Иран знае дека тие ќелии спијат таму и дека секој момент може повторно да биде цел“, изјави Чавушоглу.