Saimir Alija
03 Јуни 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
ТИРАНА (АА) - Гент Цакај, овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија, го пречека на средба министерот за надворешни работи на Словачка, а воедно и претседавач на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), Мирослав Лајчак, кој се наоѓа во официјална посета на Албанија, јавува Anadolu Agency (AA).
По завршувањето на средбата, Цакај и Лајчак одржаа заедничка прес-конферанција, на која Цакај истакна дека соработката со Словачка е зајакната и се очекува да се развие уште повеќе.
„Разговаравме за бројни прашања во врска со префрлувањето на претседавањето од Словачка на Албанија, и за билатералната агенда меѓу двете земји. Албанија ги врши потребните подготовки за квалитетно претседавање со ОБСЕ во 2020 година“, рече Цакај.
Цакај се осврна и на односите меѓу двете земји, и рече дека со министерот Лајчак разговарале за билатералните односи меѓу Албанија и Словачка, за што, според него, наскоро ќе се состане заедничката економска комисија на двете земји за продлабочување на соработката во трговската и економската област.
Тој информираше дека друга тема за која разговарале била можноста за отворање на преговорите во јуни за членство во ЕУ.
„Министерот Лајчак секогаш имаше конструктивен пристап и го поддржуваше безусловното отворање на преговорите со Албанија, базирајќи се на заслугите што ги постигна Албанија, особено реформите во правдата“, подвлече тој.
„Прогресивната агенда на Албанија ќе продолжи без дискусија и покрај насилните инциденти кои ја карактеризираат Тирана во последните денови, и кои можат да се зголемат. Изборите ќе се одржат на 30 јуни без дискусија, и нема моќ којашто може да го спречи тоа“, нагласи Цакај, осврнувајќи се на политичките случувања во Албанија.
Министерот за надворешни работи на Словачка, Лајчак, нагласи дека изминатите години Албанија постигнала напредок во спроведувањето на стратешката реформска агенда, во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото и слободата на медиумите.
„Ги охрабрувам властите да продолжат со важниот реформски напор, особено во областа на правосудството, владеењето на правото, организираниот криминал, изборните реформи и слободата на медиумите. Брзината, ефикасноста и одржливоста на реформите зависи од волјата на сите политички актери во Албанија. Силните институции со ефикасен Парламент во темелот, се основните камења на демократијата, и се од суштинстко значење за политичката стабилност и владеењето на правото“, рече шефот на словачката дипломатија.
Тој се осврна и на ескалацијата на насилството за време на протестите предводени од страна на опозицијата.
„Во демократијата важно е да се слушаат критичките гласови, а мирните протести се основно право коешто треба да се почитува. Различностите треба да се дебатираат во Парламентот со сите претставници, вклучувајќи ја и опозицијата. Ескалацијата на насилството за време на некои протести предводени од страна на опозицијата, стана здодевна. Немирите не треба да го заменат демократскиот ангажман, тие ги отстрануваат сите шанси за дијалог. Продолжувањето на насилните протести ќе им наштети на напорите на Албанија за реформи. Решение се изнаоѓа преку дијалог“, рече Лајчак.
Тој разговараше и за одлуката на опозицијата за повлекување на парламентарните мандати, и рече дека тоа е нешто лошо, бидеќи демократијата бара контрола и балансирања, и дека опозицијата има значајна улога.