Senada İbraimova
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес, во ЕУ - Инфо центар во Скопје се одржа тркалезна маса на темата „Медиумската свест и практика за правото на заштита на личните податоци и слободниот пристап до информации во Република Македонија“ како дел од проектот „Заштита на личните податоци и медиумите“, којшто е финансиран од Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на овој проект, спроведено е истражување за медиумската свест и практика во Република Македонија во однос на правото на заштита на личните податоци, а со посебен осврт на балансот меѓу заштитата на приватноста од една страна и слободата на изразување, односно она што значи јавен интерес од друга страна.
„Она што беше утврдено како најголем недостаток во однос на заштитата на личните податоци во медиумската сфера во Република Македонија, е токму таа тенка линија меѓу потребата да се информира навремено и релевантно, што значи од друга страна, потребно е да се обезбеди приватноста и да се заштити идентитетот на индивидуите“, рече во својата изјава Љубица Пендароска, која работи на проектот како клучен експерт.
Како најчесто загрозување на личните податоци во Македонија, Пендароска ги посочи објавувањето написи кои се однесуваат на лица кои сториле кривично дело или пак на лица против кои се води постапка, односно се објавуваат нивните лични податоци додека трае периодот на презумпција на невиност.
Како најголема детектирана слабост во текот на истражувањето, Пендароска ги нагласи информациите што се објавуваат, а се однесуваат на политичарите, во случај кога информацијата не е од јавен интерес, а сепак се објавува.
Тимскиот лидер на проектот, Наташа Пирц Мусар од Словенија, смета дека заштитата на личните податоци, односно објавувањето материјал што не е од јавен интерес, може значително да повреди одредена личност, а притоа како што вели таа, објавувачот/новинарот, нема да има можност да го поправи тоа.
Како пример дека е невозможно да се направат корекции откако нечија приватност ќе биде загрозена, Мусар посочи една приказна, којашто како што рече, често им ја раскажува на медиумите во Словенија. „Ајде да се качиме на највисоката планина, во Словенија тоа е Триглав, да земеме една перница полна со пердуви, да ја искинеме перницата и пердувите ќе излетаат. Откако сите пердуви ќе бидат разлетани, ќе побарам од новинарите да ги соберат сите пердуви и да ги вратат во перницата. Тоа е невозможна мисија, исто толку е тешко да се поправат работите откако приватноста на едно лице ќе се наруши“, рече таа.
Покрај истражувањето, во рамките на проектот ќе биде изготвен прирачник, којшто би послужил за да им помогне на медиумските работници при секојдневното информирање.
Проектот е финансиран од Европската Унија, а се спроведува од „Алтаир Асесорис СЛ“ во конзорциум со „Хулла&Ко Хуман Динамикс КГ“ (ХД) и е поддржан од Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија.