Husameddin Gina
02 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Денеска во Скопје беше одбележан Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, a по тој повод претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, порача дека неказнивоста на насилството врз новинарите во Македонија сè уште има длабоки корени, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој посочи дека без одговорен однос на институциите нападите против новинарите ќе продолжат и ќе станат побрутални, и можат да ги доведат во прашање и животите на новинарите.
„За жал, политиката на неказнивост на насилството врз новинарите во Македонија сè уште има длабоки корени. Политичката волја на Владата и на министерот Спасовски да стават крај на нападите врз новинарите не ја следи и бирократијата на полицијата и обвинителството. Тие сè уште водат неквалитетни и неефикасни истраги“, рече Селмани.
Селмани, исто така, ги повика институциите сериозно да ги истражат сите напади врз новинарите и да ги казнат одговорните.
„Од извештајот на полицијата и обвинителството може да се разбере дека од 59 напади на новинари само двајца напаѓачи се казнети со ефективна казна и само уште еден предмет во обвинителството е целосно истражен и подготвен за кривично гонење. Тринаесет предмети се целосно нерасветлени“, нагласи Селмани.
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Македонија, истакна дека примарна дожност на извршната власт е постојано да работи на креирање квалитетен амбиент за остварување на сите тие слободи важни за функционирањето на медумите.
„Интересот односно бенефитот е заеднички и повеќе значаен. Како за медуимите, новинарите и за институциите, така и за јавноста и за граѓаните“, истакна Спасовски.
Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакна дека во регионот многу често новинарите се соочени со одмазда поради тоа што едноставно си ја работат својата работа.
Тој нагласи дека како ОБСЕ, посебно внимание посветуваат на жените новинари поради двојниот товар со кој се соочуваат. Тие се напаѓани и како новинари, а исто така се дискриминирани и како жени.
На Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите беше промовиран и Прирачник за безбедноста на новинарите за време на настани со висок ризик.