Abdula Berisha
08 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
ОХРИД (АА) - Во рамки на самитот „Отворен Балкан“ договорени се повеќе соработки со потпишување на конкретни меморандуми и договори за соработка во повеќе области меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Договорот за соработка во полето на взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните институции и други овластени институции во трите земји беше потпишан од премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама.
Со овој договор ќе се забрза постапката за прифаќање на дипломите и професионалните компетенции, што е уште еден чекор повеќе кон заедничкиот пазар на трудот.
Меморандумот за соработка во културата се потпиша од страна на министерката за култура на Северна Македонија Бисера Костадинова-Стојчевска, министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, и вицепремиерката и министерка за култура и информирање на Србија, Маја Гојковиќ.
Една од целите на овој меморандум е креирање на Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.
Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот го потпишаа министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, министерката за туризам и животна средина на Албанија, Мирела Кумбаро-Фурчи, и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ.
Со Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот заеднички ќе биде промовиран регионот како атрактивна туристичка дестинација.
Се потпиша и Меморандум за разбирање за соработка на даночните администрации од страна на раководителите на даночните институции на трите земји, со што се создава нова можност за полесно прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги.
Исто така, во рамки на Самитот претходно се одржаа две пленарни сесии, една од областа на туризмот и една од областа на културата, на кои учествуваа владини претставници од Северна Македонија, Албанија и Србија.
Иницијативата „Отворен Балкан“ моментално опфаќа економска и политичка област меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, која има за цел да ги поттикне можностите за трговија и размена за околу 12 милиони луѓе, како и да ја поттикне интеграцијата на трите земји во Унијата.
За првпат од постоењето на иницијативата, на нејзин самит учествуваат и лидерите од Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои ја подржаа иницијативата и изразија желба за приклучување во иднина.