Ekip
20 Август 2018•Ажурирај: 20 Август 2018
АНКАРА (AA) – Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Иран, Бахрам Касеми, изјави дека соработката со Турција ќе биде продложена, како и порано, јавува Anadolu Agency (AA).
Касеми на конференцијата за медиумите одржана во Министерството за надворешни работи на Иран се осврна на американските санкции и односите со Турција.
Потсети дека е планирано трилатералниот самит на лидерите на Турција, Иран и Русија во септември да биде одржан во Техеран и дека се во тек подготовките за „важната средба“.
Додаде дека е одредено времето за одржување на самитот и дека информацијата во соодветно време ќе биде споделена со јавноста. Сепак не сакаше да даде детали од состанокот, истакнувајќи дека сè уште е рано за тоа.
Порача и дека е јасна политиката што Иран ја води со Турција. Нагласи дека билатералната соработка дошла до одредено ниво и дека ќе биде продолжена и во иднина.
„Иран ќе продолжи во таа насока“, изјави Касеми.
Гласноговорникот се осврна и на политиката на санкции што ја водат САД. Додаде дека пред Турција и Иран се наоѓаат одредени проблеми, но дека двете земји, благодарејќи на долгите граници, ќе можат да продолжат со соработката.
„Верувам дека турскиот народ ќе ги надмине проблемите“, рече Касеми.
Истакна дека „Работната група за Иран“, што ја оформиле САД во рамките на имплементацијата на санкциите, е спротивна со меѓународните правила.
„Овие чекори се дел од психолошка и економска војна и нема да останат без одговор“, порача Касеми.