СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ -
Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула, истакна дека турскиот јазик е еден од нивните најважни елементи во Северна Македонија, пишува Anadolu Agency (AA).
Во разговор со АА, Кула говореше за фестивалите кои тие како институција ги поддржуваат во Северна Македонија, реализираните активносити, како и за курсевите по турски јазик и заинтересираноста и потребата за овие курсеви.
Кула нагласи дека тие како институција веќе 10 години постојат во Северна Македонија, и дека секој период создавале различни стратегии.
Истакна дека почнувајќи од 2019 година, имаат за цел да ги поддржат и да се вклучат во големите проекти кои досега станале традиционални или поттикнале заинтересираност на јавноста, Кула додаде дека во овие рамки станале главен спонзор на Литературниот фестивал „Про-За Балкан“, кој во земјата се одржа од 19 до 22 мај.
Како што рече, во изминатите денови станале спонзор на „Скопје лајт арт дистрикт“ („Skopje Light Art District“) - Меѓународниот фестивал на светлосна уметност.
Кула рече дека љубителите на уметноста во Скопје ги состанале со најзначајните уметници во светот.
Според него, меѓу нивните главни активности ова лето ќе бидат Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, како и фестивалот „Скопско лето“.
„Наредната година главниот гостин, главната тема на литературниот фестивал „Про-За Балкан“ ќе биде Турција, и љубителите на литературата ќе се среќаваат само со писатели што ќе доаѓаат од Турција“, рече Кула.
Тој истакна дека тие како институт, почнувајќи од ова лето, ќе започнат со обуки за турското традиционално стрелаштво.
„Нашата цел се 150 студенти. Нашите обуки целосно ќе бидат за љубителите на стрелаштвото во Скопје. На заинтересираните за турските традиционални спортови им овозможивме да одат на обука во Турција“, додаде Кула.
Тој рече дека четворица инструктори добиле обука во рамки на Здружението за стрелаштво, и дека преку курсевите што ќе се одржат во Куршумли ан во Скопје, кој е изграден во османлискиот период, сакаат заедно да го доживеат традиционалното наследство и спортот.
Кула нагласи дека во наредниот период ќе ги реализираат промотивните активности на Спомен-музејот на 15 јули во Истанбул, кој ги отвори своите врати во рамки на комеморативните програми по повод 15 јули - обидот за државен удар што се случи во Турција. Според него, на овој начин ќе го промовираат музејот, кој на најдобар начин го пренесува обидот за државен удар и овозможува да се почувствува важноста.
Според него, во септември наредната година ќе организираат собири за туркологија во Северна Македонија. Тој додаде дека во рамки на оваа едногодишна програма, ќе овозможат собир за студенти и професори по туркологија од различни универзитети.
- Образованието на турски јазик во Северна Македонија -
Зборувајќи за образованието на турски јазик во Северна Македонија, Кула рече дека оваа земја е една од тие места каде што има најмногу потреба за турското образование.
Кула нагласи дека во овие 10 години, на околу 4.000 курсисти им овозможиле курс по турски јазик.
„Турскиот јазик е еден од нашите најзначајни елементи тука. Продолжуваме со нашите активности кои имаат за цел да ја продолжат културната дипломатија, и овозможуват развој на вработеноста на нашиот народ тука, преку подобро владеење на турскиот јазик“, додаде Кула.
„Северна Македонија е земја која веќе околу 70 години овозможува образование на мајчин јазик, каде што постои образование на турски јазик од основно училиште сè до универзитет. Тоа обично го преферираат нашите сонародници. Нашата цел е народите чиј мајчин јазик не им е турскиот јазик, како Македонците, Бошњаците и Албанците, да го избираат турскиот јазик“, нагласи тој.
Кула истакна дека во врска со оваа тема реализирале состанок со Министерството за образование и наука на Северна Македонија. Тој нагласи дека преку комисијата што ќе се формира, имаат за цел да подготват нова наставна програма, преку која во пилот-подрачја ќе се предава предмет наречен Турски јазик и турска култура како изборен предмет.
Тој информираше дека во македонскиот јазик се наоѓаат околу 7.000, а во литературата околу 10.000 турски зборови, и дека на овој начин имаат намера да ги зголемат културните и трговски настани меѓу двете земји.
- Куршумли ан -
Кула рече дека како резултат на интензивната дипломатија, успеале да го преземат управувањето на Куршумли ан, кој е изграден во Старата скопска чаршија во османлискиот период. Според него, управувањето на овој ан е предадено на Турција за 10 години.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје нагласи дека веруваат оти како резултат на реставрацијата што ќе почне ова лето од страна на турската Генерална дирекција на вакафи, Куршумли ан ќе се претвори во културен центар корисен за земјата.
Кула нагласи дека 10-годишното управување со овој ан не е доволно. Според него, доколу се отстрани периодот за реставрација, постои период од 4 до 5 години за полна продуктивност.
Истакнувајќи дека тие како институт сакаат нивните сонародници во земјата повеќе да ги вклучат во културните активности, Кула додаде дека тие треба да учествуваат во различни области, каде што ќе можат да се промовираат себеси, како то се спортски и културни активности, социјални мрежи, фотографија и кратки филмови.
Кула се осврна и на нивниот состанок со Националната библиотека на Северна Македонија, на кој разговарале за каталогизација на ракописи во земјата, и рече дека Институтот „Јунус Емре“ ќе каталогизира околу 4.000 ракописи кои се наоѓаат во земјата, чија реставрација е во тек.
Тој нагласи дека за првпат во нивниот институт ќе отворат кафетерија што ќе биде именувана „Турско кафе“, која ќе може даја користи секој. „Сакаме да создадеме место каде што љубителите и пријателите на Турција ќе можат да се соберат на едно место“, истакна во изјавата за АА директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Серхат Кула.