Dzihat Aliju
17 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Турската вокалистка Елиф Чаглар на концерт организиран во рамките на 18. издание на традиционалниот фестивал „Есенски музички свечености“, ја фасцинираше публиката во Скопје со нејзиниот перформанс, јавува Anadolu Agency (AA).
Чаглар, која е во Скопје заедно со нејзината џез-група составена од Чагри Сертел, Волка Хурсевер и Едиз Хафизоглу, на концертот организиран со поддршка на Институтот „Јунус Емре“ во Домот на АРМ, настапи со песни на англиски јазик.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Шемсетин Шекер, во изјава за AA истакна дека меѓу Турција и Македонија постојат длабоки и пријателски односи.
Шекер нагласи дека резултатите од овие односи можат да се забележат во активностите реализирани во повеќе области како јазикот, културата, уметноста и науката.
„Посакуваме овие односи да продолжат растејќи. Како Институт 'Јунус Емре' работиме во оваа насока во Македонија“, рече тој.
Шекер додаде дека ги поддржуваат фестивалите на локалните институции поканувајќи познати уметници од Турција.
Од друга страна, Никола Глигоров, од Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, пренесе дека имаат задоволство со публиката да бидат домаќини на извонредниот глас на Елиф Чаглар и нејзиниот џез квартет.
Глигоров упати благодарност до Министерството за култура на Р. Македонија, на Град Скопје и до Институтот „Јунус Емре“ во Скопје за нивната поддршка во организирање на овој концерт.
18. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ кој започна на 3 ноември, со 13 предвидени концерти на уметници од различни земји како Македонија, Турција, Србија, Словенија, Словачка, Шведска и Унгарија ќе заврши на 30 ноември.
Овој фестивал се организира од страна на Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, со поддршка на турскиот Институт „Јунус Емре“ во Скопје, додека клучната цел е стимулација, промоција и развој на музичката култура во целина.