Fatjon Cuka
05 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
ТИРАНА (АА) - Денешната пленарна седница на Собранието на Албанија започна со дебати, а претседателот на Собранието, Грамоз Ручи, одлучи лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша, воедно и претседател на Демократската партија (PD) на Албанија, да биде отстранет од седницата, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако претседателот на Собранието не го прифати предлогот да биде одложена за попладневите часови парламентарната дебата за формирање на специјалната комисија за изборна реформа, опозициските пратеници ја блокираа говорницата.
По кратката пауза, Ручи продолжи со водењето на седницата и донесе одлука да го исклучи од денешната парламентарна седница лидерот на ПД, Љуљзим Баша, откако Баша не прифати да ја напушти говорницата.
„Никогаш не би сакал првата ваква мерка во Парламентот да му биде изречена на лидерот на опозицијата. Изрекувам мерка исклучување од пленарната седница на пратеникот Љуљзим Баша“, рече Ручи.
Од друга страна, пред одлуката за отстранување, лидерот на опозицијата истакна дека дебатата не може да се одложи една недела. Тој вели дека граѓаните заслужуваат дебата, и додаде дека опозицијата е формирана за да дебатира.
Парламентарната дебата за формирање специјална комисија за изборна реформа е одложена за седницата следната недела, а денешната седница е прекината и ќе продолжи во текот на денот. Во меѓувреме, специјалната комисија за изборна реформа ќе подготви нов пакет на промени во Изборниот законик.