Fatjon Cuka
20 Февруари 2023•Ажурирај: 21 Февруари 2023
ТИРАНА (АА)
- Фајтон ЧУКА
Волонтерскиот тим спасувачи од Албанија, што во Туркије учествуваше во акциите за претрага и спасување околу една недела, на 15 февруари се врати во татковината, пишува Анадолу.
Албанскиот тим од 10 спасувачи учествуваше во хуманитарната мисија за спасување во турската провинција Малатја.
Во разговор за Анадолу зборуваа за своите искуства во текот на акциите за пребарување и спасување на подрачјата погодени од разорните земјотреси во Туркије.

Неби Мучај, шеф на Центарот за вонредни ситуации на Албанија и лидер на волонтерскиот тим што беше ангажиран во Туркије, раскажа дека особено биле потресени од сцената кога ги пронашле безживотните тела на татко и син кои биле прегрнати под урнатините.
„Да бидам искрен, се чувствувавме како да се членови на нашето семејство. Беше навистина болно за сите нас“, рече Мучај.
Мучај со солзи во очите зборуваше како било болно да се гледаат семејствата кои чекаат нивните најмили да бидат спасени од урнатините.

„Најтрогателен момент, не само за мене, туку и за секој член од екипата што беше таму, беше прегратката на таткото и синот кои загинаа под урнатините. Тоа беше многу болно за сите нас. Прво ја видовме раката на детето, а како што продолживме полека да копаме, го пронајдовме и телото на таткото. Токму како што таткото во секојдневниот живот го прегрнува детето со многу љубов, таа сцена ја видовме како вечна прегратка“, раскажа Мучај и додаде:
„Беше трогателно и кога ја видовме фотографијата на млад брачен пар и во тој момент помислив колку е минлив животот. Исто така, кога ќе ја видите таа среќа и насмевки измешани со урнатини и камења на таа слика, помислувате колку е животот нешто вредно. Таа слика особено ми се врежа во сеќавањата“, рече тој.
Волонтерот Шкелзен Шатри истакна дека спасувачките мисии тргнале со молитва за да спасат што е можно повеќе луѓе.
„Бев многу возбуден што е можно побргу да стигнеме до местото каде ќе спроведеме операции за потрага и спасување и да спасиме луѓе од урнатините“, рече Шатри, додавајќи дека е тешко да се заборави она што го виделе во Туркије.

Шатри зборуваше за грбот што го разменил со турски војник, напоменувајќи дека секогаш ќе го носи тој симбол што го добил од војник од Туркије за време на неговото учество во мировната мисија во Босна и Херцеговина додека бил во албанската војска.
„Овој грб за мене е спомен од турски офицер во Босна и Херцеговина од 2009 година“, додаде Шатри.
Тој истакна дека особено бил потресен од сцената кога под урнатините ги пронашле безживотните тела на син и татко, кој го прегрнал синот во обид да го заштити.
- Да се спасат што повеќе луѓе
Бујар Рапо, кој учествуваше во акцијата како специјалец за претрага и спасување, истакна дека во Туркије се обиделе да спасат што е можно повеќе луѓе кои останале заглавени под урнатините.
Рапо истакна дека никогаш нема да го заборави преживеаниот кој со телефон очајнички го повикувал својот брат кој останал под урнатините.

„Телефонот ѕвонеше, но не можевме да чуеме никаков глас. Во исто време влеговме под урнатините да бараме луѓе, но не чувме никакви гласови. Кога излеговме на површината, тој нѐ гледаше право во очи. Сѐ уште се сеќавам на неговата неопислива болка. За жал, подоцна е пронајдено безживотното тело на неговиот брат“, раскажа Репо.
Во акцијата за спасување учествуваше и тим од 73 медицински работници и специјалисти за пребарување и спасување од Министерството за одбрана на Албанија и од Цивилната заштита.
