Admir Fazlagic
26 Ноември 2021•Ажурирај: 28 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Во земјите од регионот се возат автобуси кои се постари од 18 години. Агенција Анадолија (АА) ги анализираше статистичките податоци на државните заводи за статистика во земјите од регионот, податоците од министерствата и возачките здруженија.
Собраните податоци покажуваат дека Словенија и Хрватска имаат автобуси со најмала просечна старост, додека просечната старост е најголема кај автобусите во Косово и Албанија.
- Во Северна Македонија автобусите се стари над 18 години -
Просечната старост на автобусите во Северна Македонија изнесува 18,2 години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Притоа, 81,2 отсто од возилата со кои се врши превоз на патници се постари од 10 години. Минатата година во земјава биле регистрирани 2.612 автобуси кои вршеле превоз на патници во градскиот, приградскиот, меѓуградскиот и меѓународниот транспорт.

- Автобусите „полнолетни“ и во Србија -
И во Србија се возат „полнолетни“ автобуси со кои се превезуваат патници. Просечната старост на автобусите во оваа земја е 20 години, велат податоците од Здружението за патен сообраќај „Србијатранспорт“. Експертите за безбедност во Србија проценуваат дека со сегашниот ритам на набавка на новите возила, постоечкиот возен парк би можел комплетно да биде сменет дури за 100 години.
- Повеќето од автобусите во Косово се произведени во 1999 година -
Податоците на Министерството за внатрешни работи на Косово покажуваат дека повеќето автобуси кои се користат за превоз на патници во државата се стари 22 години, односно произведени во 1999 година. На патиштата низ Косово се возат 167 автобуси стари 22 години, а 166 автобуси се произведени во 2000 година.
- Во Црна Гора патнички автобус стар 40 години -
Од 1.490 регистрирани автобуси во Црна Гора, над 22 отсто се постари од 20 години, според податоците на Државниот завод за статистика на Црна Гора (МОНСТАТ). Постои дури и еден регистриран автобус чија година на производство е во категоријата „до 1979 година“, односно постар е од 40 години.
- Во Босна и Херцеговина просекот на „старост“ на автобусите е 18 години -
Состојбата со возниот парк кој се користи за превоз на патници не е подобра ниту во Босна и Херцеговина. Просечната старост на автобусите за превоз на патници во земјата е 18 години.
- Во Албанија напори за „подмладување“ на автобусите -
Во Албанија граѓаните патувале со автобуси во просек стари 22 години. Ова го покажуваат податоците на Министерството за транспорт и инфраструктура на Албанија објавени во 2016 година. Но, во земјата тогаш стапи во сила нов Закон за меѓуградски превоз, според кој, фирмите мора да го менуваат автобускиот парк на секои пет години. Во меѓувреме, институциите не објавија податок за просечната старост на автобусите кои се користат за превоз на патници во меѓуградскиот сообраќај. Од друга страна, просечната старост на автобусите за градскиот превоз во главниот град Тирана е околу 10 години.
- Хрватска и Словенија со „најмлад“ возен парк за превоз на патници -
Просечната старост на автобусите што се користат за транспорт на патници е далеку помала во Хрватска и Словенија, единствените две држави од поранешна Југославија кои се членки на Европската Унија.
Центарот за возила на Хрватска (ЦВХ) пресмета дека просечната старост на возилата со кои се превезуваат патниците е 11,5 години. Ова е далеку помлад возен парк во споредба со останатите земји од регионот.
Сепак, во регионот, со најмлад возен парк на автобуси за превоз на патници може да се пофали Словенија. Словенците се возат во автобуси просечно стари 10,8 години, покажуваат податоците на „Статиста“.
Просечната старост на автобусите во земјите на Европската Унија (ЕУ) е 11,4 години.