Bojana Stojanovic
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
БЕЛГРАД (АА) - Традиционалниот саем на текстил „Балкан текстил 2018“ на кој учествуваат повеќе од 50 произведувачи на текстил, увозници и трговци од Турција, Србија, Хрватска и Кина, е отворен денес во Белград и ќе трае до 3 март, јавува Anadolu Аgency (AA).
На саемот кој ќе трае до сабота, освен произведувачите на текстил, увозниците и трговците, ќе учествуваат и произведувачите на најдобри машини и опрема од текстилниот сектор.
На саемот можат да се видат различни видови текстил, како што се: индиго тексас, плетило, лен, сатен, рајсфершлус, патент-затворачи, индустриски шивачки и машини и машини за везење, машини за кроење, системи за шиење јоргани, душеци и мебел, печатени ткаенини, машини за кружно плетење со капацитет на боење од 20 тона дневно.
Саемот во втор пат се одржува во Белград, откако четири пати беше одржуван во Нови Пазар.
На свеченото отворање, потпретседателот на Владата и министер за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Расим Љајиќ, најави дека во наредните два до три месеци ќе бидат отворени нови текстилни фабрики на турски инвеститори, кои ќе се наоѓаат во Лазаревац и Крагуевац.
„Веќе постои одлука на турските инвеститори за отворање погон во Алексинац и Краљево, а преговараме со уште еден инвеститор за отворање погон во Мали Зворник“, изјави Љајиќ.
Според неговите зборови, овој саем е доказ за одличните унапредени односи меѓу Турција и Србија. Тој наведе дека во 2017 година, продажбата на текстил била за 15 отсто поголема од претходната година, а целта е оваа манифестација да добие регионален карактер.
Со тоа се согласи и советникот во Амбасадата на Турција во Србија, Анил Кајалар, додавајќи дека трговските односи меѓу двете земји многу брзо напредуваат, и дека е забележливо зголемување на бројот на турски туристи во Србија, кој минатата година изнесуваше 100.000.