БЕЛГРАД (АА) - Музејот на автомобили во Белград со околу 50 ретки и стари возила, кои претставуваат историско сведоштво и имаат посебно значење за развојот на автомобилизмот, е споменик на културата кој и денес, по 24 години од основањето, на посетителите им дава можност да го видат автомоболот „Маро Гардон“ од 1897 година или првиот спортски луксузен автомобил, пишува Anadolu agency (AA).
Сопственикот на најновиот Технички музеј во Белград, Братислав Пековиќ, за АА објасни од каде потекнала неговата љубов кон автомобилите и како дошол до идејата да основа таков музеј.

„Многу тешко се доаѓа до приватни автомобили, но ние децата од престолнината бевме привилегирани затоа што можевме да отидеме пред амбасадите да ги видиме. На пример, пред британската Амбасада секогаш го гледавме последниот модел на ролс-ројс, јагуар, ровер, пред француската цитроен, а во тоа време и Панар-Левасор, пежо или најновиот модел на рено“, наведе тој.
- Во јавна читална до информаци -
Како што изјави, во тоа време не било можно да се дојде до странски списанија за автомобили, па тој со останатите деца одел во јавна читална и го сечел од списанијата она што го интересира, и така ги стекнал првите сознанија за автомобилите.
„Тогаш имавме различни натпревари, на пример, ќе застаневме кај поштата, ќе го свртевме грбот и по звукот погодувавме каков автомобил доаѓа“, изјави тој.

Првиот автомобил во неговата колекција е „форд T“, кој го купил во 1965 година.
Како што објаснува, во Музејот се наоѓаат околу 50 возила кои претставуваат панорама на сообраќај и возила што во Белград се возеле од почетокот на векот до денешен ден.
„Еден автомобил може да раскаже приказна за времето во кое настанал“, наведе Петковиќ.
- Во колекцијата се и автомобилите на Тито -
Најстариот автомобил е францускиот „Маро Гардон“ од 1897 година. Колекцијата опфаќа и автомобили од 1950-тите, 1960-тите и 1970-тите години, меѓу кои и „мерцедес 300 C – кабриолет D“, познат како „Аденауер“ од 1956 година, „јагуар MK2“ од 1963 година, првиот спортски луксузен автомобил и „кадилак-кабриолет“ од 1957 година.

Тука се и „форд“ од 1902 година, „ланчиа ламбда“ од 1925 година, „цитроен B10“ од 1026 година, „бјуик 28-58 опера купе“ од 1028 година, „шкода R6“ од 1929 година, „аеро 10“ од 1929 година, „аеро 50 кабриолет 1z“ од 1941 година, „алвис“ од 1930 одина, „БМВ 327/328“ од 1938 година.
„Има и два автомобили на Тито. Тука е блиндираниот „пулман 600“, кај кого е интересно тоа што повеќе поминал во авион, отколку на пат. На пат поминал 25.000 километри, а во воздух сигурно милион километри, бидејќи бил носен во Куба и возен таму каде што Тито одел во посета“, раскажа Петковиќ.
Посетителите можат да видат и прототип на ју-формулата „ДМБ-Раковица“ од 1969 година, како и формулата „австро-кајман“ од 1978 година од Австрија, додека најновиот автомобил во колекцијата е „ферари 308 GTS“ од 1978 година е од Италија.
Автомобилите од колекцијата на Братислав Петковиќ се користени и за снимање на култните филмови „Отпишани“ и „Балкан експрес“, но и во поновите филмски остварувања како „Белградски фантом“, во кој е користено „порше“ .
Сопственикот на музејот повеќе не купува автомобили, туку се занимава со реставрација. Неговата колекција има вкупно 100 автомобили, а само половина од нив се изложени во Музејот.

- Библиотека со илјадници наслови -
Музејот поседува и дополнителна опрема: тркала, труби, фенери, радиоапарати, алати, возачки дозволи, постери, трговски реклами, регистерски таблички, првите сообраќајни прописи и закони. Во Музејот се наоѓаат и колекција фотографии, документи, стари алати и опрема, како и библиотека со повеќе од илјада наслови, витрина со лични работи на Сретен Костиќ, првиот шофер во Србија, стари бензински пумпи, меѓу кои се издвојува „Кај слепиот шофер“ од Божо Тврдишиќ.
Седиштето на Музејот е во зградата која под називот „Модерна гаража“ е прогласена за кулутрно наследство и претставува карактеристичен споменик на техничката култура од времето во кое настанала. Изградена е во 1929 година како прва јавна гаража во центарот на градот, по плановите на рускиот архитект Валериј Стрешевски. Во неа биле сместени и автомобили на учесниците на првата белградска автомобилска и мотоциклистичка трка, одржани на 3 септември 1939 година.
Модерната гаража е претворена во Музеј на автомобили во 1994 година.