САРАЕВО (АА) - Бројни реакции уследија по изјавата на рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина (БиХ), Игор Калабухов, дека БиХ има право да одлучи дали сака да биде членка на НАТО, но и предупреди дека Русија го задржува правото да реагира на таква можност во согласност со нејзините интереси, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ако Босна и Херцеговина одлучи да биде членка на што било, тоа е внатрешна работа. Но друга работа е нашата реакција. По примерот на Украина ние покажавме што очекуваме. Ако има закани, ние ќе реагираме“, рече Калабухов во емисијата „Мрежа“ на ФТВ (FTV).
Тој, исто така, рече дека всушност Западот е тој кој претставува закана за безбедноста на Босна и Херцеговина преку тврдењата дека Русија наводно подготвува некој план.
„Немаме никакви планови. Ние ќе реагираме анализирајќи ја стратешката и геополитичката ситуација“, истакна Калабухов, додавајќи дека „членството на БиХ во НАТО сега е во сфера на фантазијата бидејќи околу тоа не постои консензус во самата земја и тоа нема тукутака да се промени“.
Калабухов понатаму рече дека Русија не води војна во Украина, туку е всушност, во некој вид на „мировна мисија“, бидејќи „Украинците ги ослободува од нацистичките закани“.
„Ние не сме во војна со Украина. Војната се објавува официјално. Дипломатот оди во Москва, во Министерството за надворешни работи на Русија, носи нота и вели, еве, Владата на Украина одлучи вам да ви објави војна. Тоа е војна. За нас ова е специјална воена операција“, кажа Калабухов.
- Комшиќ: „Недвосмислена и неприфатлива изјава“ -
Претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, се огласи и ја оцени за неприфатлива изјавата на рускиот амбасадор Калабухов.
Комшиќ истакна дека пораката на рускиот амбасадор во која го наведува примерот на Украина над која Русија врши агресија, е недвосмислена но и неприфатлива за Босна и Херцеговина.
- Џаферовиќ: „Недозволив напад на суверенитетот на БиХ“ -
Со реакција излезе и членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, кој рече дека изјавите на рускиот амбасадор претставуваат недозволива закана.
„Изјавата на рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабухов, дека Русија ќе реагира во случај на членство на Босна и Херцеговина во НАТО и спомнувањето на Украина во наведениот контекст, претставува недозволива закана и напад на суверенитетот на Босна и Херцеговина“, порача Џаферовиќ.
Истакнувајќи дека Босна и Херцеговина е суверена држава која одлуките за сопствената иднина ќе ги носи самостојно, врз основа на својот Устав и закон, водејќи сметка за волјата и интересите на своите граѓани, а не за туѓите интереси, Џаферовиќ во реакцијата наведе дека Русија не може да го усвојува правото да одлучува за иднината на Босна и Херцеговина.
Од кабинетот на Џаферовиќ наведено е дека Босна и Херцеговина својот досегашен евроатлантски пат го трасирала со одлуки на своите институции во демократската процедура, вклучително и барањето за членство во НАТО.
„Така и ќе остане. Со Босна и Херцеговина нема да се управува од Руската амбасада“, се наведува во соопштението за јавност од кабинетот на Џаферовиќ.
- Амбасадата на САД: „Опасни, неодговорни и неприфатливи заканите на рускиот амбасадор“ -
На изјавите на рускиот амбасадор реагираа и од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Босна и Херцеговина.
„Последните закани на рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина се опасни, неодговорни и неприфатливи. Ниту една трета страна не може да одлучува за безбедносните аранжмани помеѓу НАТО и суверените држави. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Босна и Херцеговина да ги направи неопходните чекори за членство во евроатлантската заедница“, порачаа од Амбасадата на САД во Сараево.
news_share_descriptionsubscription_contact
