D. Omanovic
09 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
МОСТАР (АА) - Неколку стотици граѓани на Мостар се собраа денес на „Стариот мост“, на 28-годишнината од рушењето на највредниот симбол на културно-историското наследство на Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Симболично, во 10:16 часот кога беше срушен мостот, што беше снимено на две видеокамери, присутните со звукот на сирената што во војната претставуваше сигнал за опасност, во реката Неретва фрлија каранфили, а традиционално е изведен и скок без аплауз.
„Како и во претходните години, се собираме и го одбележуваме рушењето на „Стариот мост“, со скок без аплауз. Оваа година е малку тешко поради нивото на водата, но скокачите се навикнати да скокаат во зима и во лето, и кога нивото на водата е повисоко и пониско“, рече во изјавата за медиумите претседателот на клубот на скокачи во вода „Мостари“, Лоренс Листо.
Тој истакна дека за него деветти ноември 1993 година е најтажниот ден во овој град, бидејќи Мостар остана без својот симбол.
„Децата мора да знаат кој го направил тоа и поради што. Се надевам дека тоа повеќе никогаш нема да се повтори. И за мене лично тој ден беше најтажен. Бев во војната тука и добро помнам сè. Подоцна имав голема чест да скокам на отворањето на обновениот Стар мост и тоа беше еден од најсреќните денови во мојот живот“, додаде Листо.
И овој пат на „Стариот мост“ се собраа голем број млади и деца. Мостарските основци во училиштата учат за историјата на „Стариот мост“ и варварскиот чин на рушењето. Исто така, годишнината ја одбележаа и во фудбалскиот клуб „Вележ“, чии членови на стручниот штаб и играчи исто така присуствуваа на денешното одбележување.
„Стариот мост“ е срушен при гранатирањето од Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) на 9 ноември 1993 година, а со мостот е срушено и целото старо јадро на Мостар, вклучително и неколку џамии, медреса и амам. Гранатирањето траеше повеќе денови, а е интензивирано на 8 ноември.