Vesna Besiç
23 Јануари 2016•Ажурирај: 25 Јануари 2016
САРАЕВО (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ
За тоа дека љубовта кон планините е необјаснива доказ е Винко Јуриќ - Далмо, најстариот алпинист регистриран во Босна и Херцеговина. Овој 95-годишен старец во својата соба во еден дом за старци во Сараево ја раскажа својата приказна за неговата голема страст и љубов што го држи до ден денешен.
Роден е во Сплит, по завршувањето на факултетот по архитектура на Техничкиот универзитет во Загреб, 1950 доаѓа во Сараево, каде што работел како проектант на бројни образовни, станбени, здравствени и туристички објекти.
Љубовта кон планината кај Винко се развила уште додека бил во основното училиште, но таа страст пораснала кога пристигнал во БиХ. На планината ја запознал неговата сопруга Рајна, кој почина пред четири години.
За време на заедничкиот живот ја делеа заедничката страст кон планините.
"Имав голема среќа што на планината се сретнав со убава девојка која и ја запросив по три месеци. Таа одеше исто како мене. Таа ги сакаше планините. Се сретнавме во Чврсница. За 1 мај сите одат на море, јас на Коњиќ со скии чекам кога ќе излезат планинарите од Цира. Имаше едно искачување, кое се вика Јаблан До. На една од планинарките и се слоши и падна право на мене", рече Винко раскажувајќи за средбата со сопругата Рајна, која по три месеци ја запросил на Прења.
Освен планините на поранешна Југославија ги знае и француските Алпи, како и поголемиот дел од планините во Алжир, каде што некое време и работел.
Вели дека неговите пријатели во лето оделе на пливање, а "јас го земав ранецот и одев на планина".
"Јас имав приврзаност кон планините. Ги имам прошетано сите планините на поранешна Југославија. Ги знам сите планини од Словенија до Македонија", вели Винко додека ги набројуваше сите планини кои ги посетил во изминатите децении.
"Кога добив повик да дојдам во Босна одвај чекав. Босна има таква убавина која ретко може да се види", рече Винко.
Во неговиот ранец, тој секогаш носел блок и боички бележејќи ги убавините на БиХ. Меѓутоа, денес во својата соба во домот на платно ги пренесува своите спомени од планините кои остануваат врежани во неговата меморија. Досега има организирано неколку самостојни изложби.
"Ќе ви кажам точно на кој начин до каде да одите и како се вика секој врв,"рече Винко.
Овој витален старец кој зборува пет јазици, вели дека љубовта кон планината е нешто необјасниво.
"Или ја сакаш планината многу, да не речам лудо, или не се чувствуваат ништо за неа. Тешко е да се дефинира овој афинитет. Можеби тоа е праисконска човечка желба за широчината и суровоста на првобитната природа", напиша тој, по повод една од неговите самостојни изложби.
Денес, тој вели дека би пешачел пак но нозете "не го слушаат". Винко додава со насмевка: "Кој би планинарел со еден старец".