Aldıjana Hadzıc
09 Јуни 2019•Ажурирај: 10 Јуни 2019
САРАЕВО (АА) - Министерството за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина подготви преднацрт на Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи на Федерацијата на Босна и Херцеговина, со кој се предвидува формирање резервен состав на полицијата, соопштено е денес од тоа Министерство, пренесува Anadolu Agency (АА).
Како што се наведува во соопштението, Министерството презело конкретни мерки и активности за враќање на разнишаната безбедност и одржување на рамнотежата на полициските сили во ентитетите во БиХ, откако ниту до денеска Канцеларијата на високиот претставник (OHR) и меѓународната заедница не презеле конкретни чекори за спречување на воведувањето резервен состав на полицијата во Република Српска (РС).
Како директен одговор на воведувањето резервен состав во ентитетот Република Српска, се наведува во соопштението на Министерството, изготвен е преднацрт на Законот за дополнување на Законот за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина.
„Измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи подразбираат воспоставување резервен состав на полицијата во висина до 50 отсто од вкупниот број полициски службеници во составот на Федералната управа на полицијата. Наведениот преднацрт е упатен во правна процедура за усвојување“, се вели во соопштението.
Се додава дека е започната процедура за измени и дополнувања на Правилникот за внатрешна организација на Министерството за внатрешни работи на Федерацијата, со која би се отворила можноста за прием на нови полициски службеници со почетен „полицаец“, што подразбира прием на нови 110 полицајци во активниот состав, од кои 55 во Специјалната полициска единица, а останатите 55 во Единицата за поддршка на Секторот за униформирана полиција на Федералната управа на полицијата.