Furkan Abdula
13 Март 2019•Ажурирај: 14 Март 2019
БИТОЛА (АА) - Во Битола беше организирана комеморативна програма по повод 120 години од дипломирањето во Средното воено училиште на големиот турски лидер, Мустафа Кемал Ататурк, јавува Anadolu Agency (AA).
На комеморацијата во поранешното Средно воено училиште во Битола, кое денеска е Градски музеј на Битола, учествуваа заменик-министерот за одбрана на Република Северна Македонија, Беким Максути, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, заменик-началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, генерал-мајор Азим Нуредин, заменик-амбасадорот на Турција во Скопје, Умут Лутфи Озтурк, делегација на Турските вооружени сили под водство на бригадниот генерал Алтан Ер, пратеници, претставници на турските институции и организации во земјата и други гости.
Церемонијата започна со едноминутен молк и интонирање на химните на двете земји, по кој бригадниот генерал Алтан Ер во своето обраќање истакна дека Средното воено училиште во Битола е значајна образовна установа која дала важен придонес во развојот на лидерскиот карактер на Ататурк.
Ер нагласи дека Ататурк во документите на ова училиште бил опишан како патриот, личност со бескрајна доверба во себе и успешен ученик, и дека по дипломирањето во ова училиште во Битола, Ататурк се запишал на Воената академија во Истанбул, а потоа се вклучил во османлиската Армија.
„Ататурк ја постигна и честа да биде основач на Република Турција, што го нарече како негова најголема победа“, додаде Ер.

Заменик-началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, генерал-мајор Нуредин, рече дека Ататурк во училиштето во Битола се стекнува со основните воени вештини, а како што нагласи тој, во Воената академија во Истанбул го продолжува своето понатамошно школување и развој како лидер.
Нуредин укажа на мостот на пријателство меѓу двете земји, и додаде: „Тоа пријателство го градевме, го градиме и ќе продолжиме да го градиме“.
Тој ја истакна и соработката во сферата на одбраната меѓу двете земји.
„Република Турција како наш стратешки партнер перманентно ѝ помага на нашата Армија со воена опрема. Би сакал да напоменам дека изминатите години оваа финансиска помош во континуитет значително се зголемува“, нагласи Нуредин.
„Делото на Мустафа Кемал Ататурк вечно ќе живее, како што ќе продолжи да живее и да се развива и нашето пријателство. Горди сме што еден ваков војсководец бил образован и живеел на овие простори“, додаде Нуредин.
Заменик-амбасадорот на Турција во Скопје, Озтурк, истакна дека Военото училиште во Битола е значајно, и дека тука се образовале значајни личности, како Ататурк, кои играле клучни улоги во основањето на Република Турција.
Озтурк нагласи дека пријателската и братска земја Северна Македонија ја поддржуваат од нејзиното осамостојување, и посака оваа земја да го добие своето заслужено место на меѓународната сцена, и да продолжи да дава придонес во мирот и благосостојбата на регионот.
„Уште еднаш сакам да нагласам дека, како што беше во минатото, и во иднина одлучно ќе продолжи нашата борба против сите предавнички терористички организации, со цел да се обезбеди мир и стабилност. Веруваме дека нашите пријатели се свесни дека глобалните терористички закани може да се елиминираат само преку правење заеднички чекори“, истакна Озтурк.
Во име на кадетите, во рамки на церемонијата, кадетот Џан Енгин читаше поезија, по што беше посетена спомен-собата на Ататурк во Градскиот музеј на Битола.