Admir Fazlagic
10 Ноември 2019•Ажурирај: 10 Ноември 2019
ОХРИД (АА) - Во Охрид започна работниот дел од состанокот на лидерите на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
„На работниот дел од состанокот на лидерите на Западен Балкан кој се одржува во Охрид, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе ја презентираат вчера утврдената Декларација со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка и за остварување на заедничката цел, членство во ЕУ, пред претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ“, соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија.
Според соопштението, на денешната програма на состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан се наоѓа и пленарна сесија со претставници на Европската Унија, на Советот за регионална соработка, на Светската банка, на Европската банка за обнова и развој, на Европската инвестициска банка, по што ќе се одржи и заедничка прес-конференција.
Во пресрет на денешниот работен состанок, вчера во Охрид, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Република Албанија, Еди Рама, одржаа трилатерална средба на која разговараа и ја утврдија Декларацијата со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка.
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, оваа декларација со листа на приоритети и мерки доаѓа по претходната нивна заедничка средба која се одржа минатиот месец во Нови Сад, Србија.
„Во основата на Декларацијата е соработката, заедничкиот ангажман и елиминирање на сите препреки за слободно движење на луѓе, добра, услуги и капитал, како придонес за граѓаните од сите земји од регионот во остварувањето на заедничка крајна цел - полноправно членство во ЕУ. Од определбата за поинтензивна соработка врз основа на заеднички усвоената Декларација се очекува на граничните премини, покрај заедничките царински контроли да има заедничка соработка на фитосанитарните контроли, како и слободно движење на граѓаните во трите земји само со лични карти“, се наведува во соопштението на Владата на Северна Македонија.
Се додава дека Декларацијата ги најавува можностите на отворен пазар и пристап за бизнис-иницијативи во целиот регион, без разлика на местото на основање на компаниите, создавање нови работни места и поттикнување на потенцијалите за севкупен развој.