Husamedin Gina
17 Февруари 2021•Ажурирај: 19 Февруари 2021
СКОПЈЕ (АА) – Во Северна Македонија, во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести денеска започна процесот на вакцинација, со кој ќе бидат опфатени 260 медицински лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првата вакцина на „Фајзер“ ја прими докторката Добринка Наунова-Јовановска, примариус доктор-инфектолог, а потоа беше вакцинирана и главната сестра на Инфективната клиника, Габриела Темелковска.
Министерот за здравство, Венко Филипче, и докторката Добринка Наунова-Јовановска веднаш по почетокот на вакцинацијата дадоа изјава за медиумите.
Истакнувајќи дека денеска официјално започнал процесот на имунизација против Ковид-19, министерот Филипче рече дека денес ќе продолжи вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника во Скопје.
„Во вчерашниот разговор со претставниците на Фајзер ни беше најавено дека следната количина од близу 4.000 дози ќе стигне следната недела. Тоа значи дека сите пријавени за првиот бран на вакцинацијата, тоа се 4.000 здравствени работници, а тоа се сите оние коишто во моментот работат со ковид-пациенти, ќе бидат вакцинирани“, нагласи министерот Филипче.
Министерот Филипче, истакнувајќи дека ќе ја започнат и кампањата за подигање на свеста кај граѓаните, рече дека одлучил да не се вакцинира со првата доза вакцини што пристигнаа од Србија, бидејќи не сака да им го земе местото на колегите што работат со пациенти позитивни на Ковид-19.
Докторката која прва во Северна Македонија ја прими вакцината на „Фајзер“ за заштита од Ковид-19 по вакцинирањето изјави дека се чувствува добро и повика сите да се вакцинираат оти, како што кажа, тоа е единствениот начин за заштита од овој тип инфекција.
„Јас ја примив вакцината, се чувствувам одлично, самото аплицирање на вакцината е безболно. И можам да препорачам до секој од нас, кој е во оваа држава, сега веќе имаме вакцини, да прими вакцина, по сопствен избор нормално, кој сака Фајзер, кој сака некоја друга, друг тип на вакцина. Меѓутоа тоа е единствен начин да се заштитиме од овој тип на инфекција“, рече докторката Добринка Наунова-Јовановска.
Министерството за здравство соопшти дека 260 здравствени работници, што се на првата линија во секојдневната борба против коронавирусот, денеска ќе бидат и првите што ќе ја примат вакцината против Ковид-19.
Да потсетиме, викендот во земјава од Србија пристигнаа 4.680 дози вакцини од компанијата „Фајзер“.