Ekipa
30 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
КАБУЛ (АА) - Во Авганистан денес започна тридневната вакцинација против детска парализа, која им се заканува на речиси 10 милиони деца во повеќе ризични области, пренесува Anadolu Agency (AA).
Заедно со Пакистан и со Нигерија, Авганистан е една од трите преостанати земји каде што детската парализа е ендемична.
Податоците од авганистанското Министерство за јавно здравство покажуваат дека во јужните и во југоисточните провинции на граничната област во Авганистан повеќе од шест милиони деца се под ризик да се заразат со детска парализа.
Директорот на програмата за искоренување на детската парализа, Мајванд Ахмадзаи за АА изјави дека сеопфатниот план е во вредност од 60 милиони евра, а вклучува вакцинација на 9,5 милиони деца оваа година.
„Наш приоритет се најризичните области. Се обидуваме во целост да го потиснеме вирусот полио од земјата“, рече Ахмадзаи.
Според податоците од Министерство за јавно здравство, од почетокот на 2016 година во Авганистан има регистрирано 16 случаи на полио, и тоа во провинциите Пактиа, Хелманд и во Кандахар Кунар.
Вчера, Мелиса Коркум од УНИЦЕФ во Авганистан, изјави дека земјата е многу блиску до целосно искоренување на детската парализа, и ги повика граѓаните да соработуваат со здравствените работници.
Детската парализа е акутна заразна болест, која се манифестира со менингитис и со парализа. Таа е многу заразна и се пренесува по орално-фекален пат.