Abdula Berisha
29 Јуни 2022•Ажурирај: 30 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, на прес-конференција информира за одлуката донесена на главната седница на РКЕ, со која е покачена цената на електричната енергија во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Регулаторната комисија за енергетика на денешната главна седница донесе одлука со која просечната цена на електрична енергија за домаќинствата се зголемува за 7,4 проценти. Ова се однесува на 98,8 проценти од домаќинствата“, изјави Бислимоски.
Тој истакна дека покачувањето на просечната цена на електрична енергија ќе беше многу поголемо доколку не беа воведени новите блок-тарифи.
„Доколку не постоеја овие блок-тарифи кои ги воведовме во текот на оваа недела, просечната цена за сите домаќинства ќе се зголемеше за 17,74 проценти“, рече Бислимоски.
Блок-тарифите предвидуваат поделба на потрошувачката во категории и различни тарифи, во зависност од количеството потрошена електрична енергија.
Бислимоски истакна дека новите цени за универзалниот снабдувач, кои ќе бидат на сила од 1 јули, се димензионирани скалесто по блокови, така што оние кои трошат помалку електрична енергија ќе плаќаат пониска цена, за разлика од оние кои ќе имаат поголема потрошувачка и кои ќе плаќаат поскапа електрична енергија.
Потрошувачката е поделена на четири блок-тарифи. Тие што трошат до 210 киловат-часови, ќе плаќаат цена повисока за 5,5 проценти. За потрошувачката од 210 до 630 киловат-часови, зголемувањето изнесува 10,3 проценти.
Зголемувањето е значително за потрошувачка над 630 киловат-часови, но според податоците на РКЕ, мал е бројот на домаќинства што трошат над ова количество.
За потрошувачка од 630 до 1.050 киловат-часови, зголемувањето изнесува 18,3 проценти, додека за потрошувачка над 1.050 киловат-часови, зголемувањето изнесува дури 138,7 проценти.