Admir Fazlagic
05 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа свечен настан за одбележување на 5 декември – Светскиот ден на волонтерството, во организација на Црвениот крст на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Црвениот крст на Македонија, Ромео Велев, во своето обраќање пред присутните упати честитки до сите волонтери кои го даваат својот придонес за подобрување на состојбите во општеството. Велев рече дека бенефициите од волонтирањето многупати се поголеми и пошироки отколку самата вредност на извршената работа на волонтерите.
Според него, позитивната предност на волонтерите е во тоа што тие имаат познаници и пријатели од различна возраст, етничка заедница и верска припадност, со кои заеднички соработуваат.
Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството, беа доделени волонтерски награди за посебни достигнувања од страна на Црвениот крст на Република Македонија. Велев им врачи благодарници за волонтерски достигнувања и посебни заслуги во остварувањето на хуманитарните цели и задачи на Црвениот крст на Македонија, на Благое Климкаров, Аријан Лимани, Александра Сандева, Илија Глигоров, Катерина Трајковска, Хесад Османи и Никола Чаушевски.
Меѓу лицата на кои им беа доделени признанија во знак на благодарност за нивниот волонтерски анганжман беа и бегалците Сафуд и Рама Естреф, брат и сестра од Сирија.
Сафуд, 26-годишен бегалец од Сирија, пристигна во Македонија на 9 март 2016 година, со последниот воз пред официјалното затворање на балканската рута, каде што побара азил во јули во 2016 година. Во моментот, тој е член на мобилниот тим на Липково, каде што работи како преведувач од арапски на албански јазик и обратно. Исто така, тој е студент на Балканскиот универзитет во Скопје.
Рама Естреф, која има 22 години, во Македонија пристигнала заедно со нејзиниот брат Сафуд. Од февруари 2017 година работи во прифатниот центар на Црвениот Крст во Табановце, а подоцна и во мобилниот тим на Црвениот крст во Липково.
Светскиот ден на волонтерството го прославуваат над 17 милиони волонтери од целиот свет, во рамките на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Волонтерството е доброволно давање услуги инспирирано е единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка, со цел намалување на ранливоста на населението, во согласност со принципите на Црвениот крст и Црвената полумесечина.