Senada Ibraimova
02 Декември 2016•Ажурирај: 03 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје, претседателот Ѓорге Иванов, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, и претседателите на секторските комори традиционално доделија признанија „Македонски квалитет“ на претставници на десет македонски фирми, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, оваа манифестација има за цел да ги поттикне домашните инвеститори, кои, како што рече таа, се вистински амбасадори на нашата држава со својот квалитет и вложувањето во својата успешна работа.
Таа истакна дека членовите на Сојузот на стопански комори на Македонија покажуваат динамичен развој, имаат претприемачки дух и се успешни.
„Сојузот на стопански комори како водечка македонска деловна мрежа, со повеќе од 20 илјади членови, со 29 стопански комори и со над 30 групации, здруженија и асоцијации, ја следи динамиката на случувањата во бизнис светот и токму тоа компаниите го препознаваат, бидејќи се современи и подготвени за нови предизвици“, додаде Арсовска.
Претседателот Иванов, пак, во своето обраќање меѓу другото рече дека изборот на фирмите како добитници на награди за квалитет се прави со прецизни и строги критериуми, од комисија составена од членови на неговиот кабинет, и додаде оти изборот воопшто не бил лесен.
„Не затоа што има малку, туку затоа што има многу компании со извонредни постигнувања и во земјата и надвор од неа. Тоа е показател дека сѐ повеќе наши стопански субјекти посветено и ревносно работат на унапредување на својот квалитет“, истакна Иванов.
На манифестацијата присуствуваа голем број стопанственици, претставници на институции, дипломати и други гости.
Оваа манифестација се одржува секоја година за оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година, при што се доделуваат 10 признанија „Македонски квалитет“.