Husamedin Gina
22 Октомври 2019•Ажурирај: 23 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска ја отвори 14. ПИКАРД Конференција на Светската царинска организација на тема „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт“, јавува Anadolu Agency (AA).
На тридневната конференција ќе присуствуваат 200 гости од над 50 земји, царински експерти и академици, кои ќе ги презентираат своите истражувачки трудови на годинашната тема.
Во своето поздравно обраќање на конференцијата, премиерот Зоран Заев потсетувајќи дека Република Северна Македонија целосно ја има прифатено економската интеграција во земјите од регионот, во европскиот континент и на светско ниво, нагласи:
„Во некои делови на светот денес народот и владите ја изгубија надежта и ентузијазмот за отворени пазари. Тие денес отворено го поставуваат прашањето за вредноста и придобивките од соработката во меѓународната трговија. Некои ги гледаат меѓународните правила како пречка за нивната суверена контрола. Сакам да ве уверам дека тоа не е случај во нашата држава“, рече премиерот Заев.
„Определбата ни е јасна“, рече Заев и додаде дека македонската Влада го потврдува ставот дека меѓународната инклузивност e многу посилна отколку стоењето настрана и дека меѓународната трговија е средство, а не цел.
По повод одржувањето на конференцијата во посета на земјата е и генералниот секретар на Светската царинска организација (СЦО), Кунио Микурија.
Тој во своето излагање истакна дека на конференцијата ќе се разговара за многу области кои се во интерес на целата заедница на царините.
„На оваа конференција ќе разгледаме многу области коишто се од интерес за целата заедница на царините, е-трговијата, и како можеме да ги вклучиме новите економски оператори. Имајќи го тоа на ум, минатата година ги усвоивме новите стандарди за прекугранична е-трговија. И она што е важно е како на терен да ги применуваме тие нови стандарди“, нагласи генералниот секретар на Светската царинска организација (СЦО), Кунио Микурија.
Наведувајќи дека Северна Македонија е подготвена за меѓународна соработка, Микурија рече дека царината покрај тоа што ја зголемува економската конкурентност, го заштитува општеството од прилив и одлив на опасни стоки со што се подобрува безбедноста и сигурноста на луѓето.
Светската царинска организација е основана во 1952 година како Совет за царинска соработка. Таа е независно меѓувладино тело, чија мисија е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на царинските управи. Во неа денес членуваат 183 царински управи од целиот свет, кои заедно покриваат околу 98 проценти од вкупната трговска размена. Како светски центар на царинска експертиза, СЦО е единствената меѓународна организација компетентна за царински прашања.