Abdula Berisha
22 октомври 2019•Ажурирај: 25 октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Република Северна Македонија и Република Косово потпишаа протокол за соработка меѓу полициите на двете држави за формирање на заеднички истражни тимови за борба против прекуграничниот организиран криминал, јавува Anadolu Agency (AA).
Во присуство на вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски и неговиот косовски колега Екрем Мустафа, протоколот го потпишаа директорите на полициите од двете земји.
Пред потпишувањето на протоколот, делегациите на Северна Македонија и на Косово, заедно со дипломатските претставници, имаа можност да присуствуваат на оперативно-тактичката вежба „Плен“, спроведена од повеќе единици на македонските полициски сили.
Во изјавата за медиумите, министерот Спасовски рече дека со вежбата, полициските сили докажале дека се подготвени да ја одржат безбедноста и стабилноста на граѓаните и државата.
„Тоа покажува дека Северна Македонија навистина е држава која што креира или продуцира мир и стабилност и во регионот, поради тоа што справувањето со вакви силни предизвици е навистина врвен приоритет, бидејќи ако немате безбедност и стабилност, тогаш нема на што да почива државата и напредокот на таа држава“, рече Спасовски.
Зборувајќи за потпишаниот протокол, министерот Мустафа рече дека ова докажува дека Северна Македонија и Косово се две пријателски земји кои придонесуваат за безбедноста на Балканскиот Регион.
„Ова докажува дека соработката помеѓу министерствата за внатрешни работи на Северна Македонија и Косово е на највисоко ниво“, рече министерот Мустафа.
- „Европската Унија треба сериозно да остане на спроведувањето на Договорот со Турција“
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, беше запрашан за можноста за нов бран мигранти и бегалци и подготвеноста на земјата да се соочи со таква криза.
Тој рече дека државата е подготвена за можен нов бран мигранти, додавајќи дека постојат два транзитни центри за мигранти.
Наведувајќи дека во моментов нема сериозни индиции за зголемување на бројот на мигранти, Спасовски исто така рече дека Северна Македонија ќе ја почитува политиката на Европската Унија (ЕУ) за мигрантите, но повика ЕУ со сериозност да го спроведе Договорот со Турција.
„Сметам дека Европската Унија треба сериозно да остане на спроведувањето на Договорот со Турција, ако сакаме навистина да не ни се случи нов мигрантски бран, и тоа е работа која што треба да ја завршат челниците на Европската Унија и на Турција“, рече Спасовски.
Тој, исто така, рече дека полициските сили на земјата првично се посветени на обезбедување на мирот и безбедноста на граѓаните на земјата и дека со тоа придонесуваат за безбедноста на регионот и Европа.