Bedrudin Brljavac
25 Април 2022•Ажурирај: 25 Април 2022
ЉУБЉАНА (АА) - Роберт Голоб, лидерот на Движењето Слобода (ГС), кој однесе убедлива победа на парламентарните избори во Словенија, изјави дека е јасно дека луѓето во земјата сакаат промени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ваква излезност не сме имале 20 години. Тоа кажува сè. Тоа кажува дека луѓето навистина сакаат промени. Луѓето ни веруваат дека ние сме единствените кои можеме да ја донесеме таа промена. Денес луѓето танцуваат, но утре започнува нов ден, утре ќе почнеме да се обидуваме да ја оправдаме оваа ваша доверба. Тоа е нашата обврска кон оние кои нè поддржаа“, рече Голоб во обраќањето до јавноста.
Тој им честита на сите кандидати од својата партија и им се заблагодари на сите.
„Сега гледаме дека нашата цел на донесување на слободата во земјата е постигната. Им честитам на сите кандидати на нашата партија, на сите што помогнаа во кампањата. Ви благодариме на сите што помогнавте сонот да се оствари“, рече Голоб.
По пребројани 88,70 отсто од гласовите до 22:15 часот синоќа, Движењето Слобода на чело со Роберт Голоб освои 40 пратенички места во Државниот збор (Парламентот) на Словенија.
Потоа следува Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер Јанез Јанша, која има 29 пратенички места.
Нова Словенија, според досегашните податоци, ќе има осум пратеници, социјалдемократите предводени од Тања Фајон седум, партијата Левица четири и националната заедница двајца пратеници.
Според досегашните податоци, излезноста била 64,5 отсто.
Во Словенија, 1,7 милиони граѓани со право на глас, на околу 3.000 избирачки места, вчера гласаа за 90 претставници во Државниот збор (Парламент).
На деветтите парламентарни избори од осамостојувањето на Република Словенија учествуваа 20 партии, пет помалку од изборите пред четири години, а за 88 од вкупно 90 места во Парламентот конкурираа 1.464 кандидати.
Официјалните конечни резултати од изборите би требало да бидат познати до 10 мај, кога конечно ќе се знае каков ќе биде составот на деветтиот состав на Парламентот.