Bedrudin Brljavac
24 Април 2022•Ажурирај: 25 Април 2022
ЉУБЉАНА (АА) - Денес во 7 часот се отворени околу 3.000 избирачки места низ Словенија за избор на 90 членови на Државниот збор (Парламент), известува Агенција Анадолија (АА).
Бирачите можат да гласаат до 19 часот, а дотогаш е изборен молк. Каква ќе биде волјата на гласачите делумно ќе се знае вечерва нешто по 20 часот за кога Државната изборна комисија на Словенија најави дека ќе ги објави првите непотполни резултати.
Предвременото гласање се одржа во средата и четвртокот од 7 до 19 часот.
На деветтите парламентарни избори во самостојна Република Словенија учествуваат 20 партии, 5 помалку отколку на претходните избори. За 88 од вкупно 90 места во Државниот збор конкурираат 1.464 кандидати.
Уште 5 кандидати се борат за 2 места резервирани за членовите на италијанското и унгарското малцинство. Имено, загарантирано е по едно место во Државниот збор за италијанското и унгарското малцинство кои имаат посебни кандидатски листи.
Меѓу останатото, гласачите на изборите одлучуваат меѓу политиката што последните 2 години ја водеше актуелниот премиер Јанез Јанша и на неговиот главен противкандидат Роберт Голоб.
„Во мртва трка“ се Движењето за слобода што пред изборите го формираше Голоб, истакнат менаџер кој низа години го водеше државното енергетско претпријатие ГЕН и Словенечката демократска партија (SDS) на актуелниот премиер Јанша. Според резултатите на некои анкети објавени во средата, Движењето за слобода го поддржуваат 26,3 отсто од испитаниците, а за СДС на Јанша се изјасниле 25,5 отсто.
Ден по изборите, на резултатите од гласањето ќе им се додадат гласовите што ќе пристигнат по пошта испратени од Словенија, а гласовите од странство ќе бидат преброени на 3 мај.
Официјалните резултати од изборите во Словенија би требало да бидат познати на 10 мај, кога конечно ќе се знае каков ќе биде составот на деветтиот Државен збор.