Stipe Majic
24 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, во својот кабинет на Пантовчак го прими израелскиот претседател Реувен Ривлин, кој престојува во дводневна официјална посета на Хрватска, а главна тема на разговорот беше воената и економската соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот на претседателите на Хрватска и Израел и нивните делегации е порачано дека оваа државна посета на израелскиот претседател е важна за билатералните односи на двете земји, а посебно за еврејската заедница во Република Хрватска.
Истакнато е дека Хрватска и Израел како две медитерански земји треба да ги истражат сите можности за соработка на јужните и северните брегови на Медитеранот.
Хрватската претседателка Колинда изјави дека посебно е потребно заеднички да се посветат на прашањата за миграциите и безбедност, а потоа на прашањата од енергетика, индустрија, земјоделство, туризам, култура и образование.
„Израел во Хрватска и кај мене има посебен пријател, сојузник и веродостоен парнер, како во Европската Унија и НАТО, така и во ОН и другите организации“, изјави таа.
Акцентот на денешниот состанок беше на воената и економската соработка, особено на хрватската набавка на борбениот авион од типот „Ф-16 Барак“ од Израел, кој, како што оцени хрватската претседателка, ќе ги доведе на ново ниво одбранбената соработка и целокупните државни односи меѓу двете земји.
Колинда Грабар-Китаровиќ смета дека набавката на целиот одбранбен пакет од Израел ќе биде прв чекор кон долготрајниот стратешки однос на Хрватска и Израел.
Таа изрази надеж дека договорот за набавка на борбените авиони ќе биде потпишан оваа есен.
Колинда Грабар-Китаровиќ и Реувен Ривлин разговараа и за историски прашања поврзани за Втората светска војна и страдањето на еврејскиот народ на територијата на денешна Хрватска, како и за важноста за едуцирањето во врска со холокаусот, за тие ужаси да не се повторат.
„Секоја хрватска влада досега изрази длабоко почитување за жртвите од холокаустот. Хрватска многу сериозно ја сфаќа својата соработка со сите институции во Израел и на другите места во светот, со што се чува споменот на жртвите од холокаустот, а ја докажа својата одлучност во глобалната борба против антисемитизмот и сите други видови ксенофобија“, изјави Колинда Грабар-Китаровиќ.
Израелскиот претседател истакна дека секој од 117 Хрвати кои се прогласени за праведници меѓу народите се „една свеќа во мракот“.
„Денес мораме да се соочиме со заканата од омраза и терор, мораме да ги чуваме и штитиме нашите луѓе во војната против теророт, силно да ја држиме линијата на одбраната и да соработуваме за да го зајакнеме нашето пријателство. Тоа ќе биде јасна порака до оние што сакаат да ни наштетат, дека ќе ги штитиме нашите вредности и заеднички ќе ги браниме нашите народи“, порача Ривлин.
Тие разговараа и за прашањето за безбедноста на подрачјето на југоисточниот дел на Европа и Блискиот Исток, со пораката Хрватска да продолжи да го поддржува Блискоисточниот мировен процес.
Израелскиот претседател во оваа прилика ѝ честиташе на Хрватска за пласманот во финалето на Светското првенство во фудбал.
Хрватска и Израел во 2017 година потпишаа договор за соработка во подрачјето на земјоделството, а во тој сектор Хрватска има посебен интерес за усвојување искуства од подрачјата на наводнување и современа технологија за преработката на храната.
Трговската размена меѓу Хрватска и Израел расте, засега изнесува 50 милиони долари на годишно ниво, со тенденција за пораст кон 200 милиони долари.
Ривлин во текот на првиот ден од неговата официјална посета се состана и со претседателот на хрватската Влада, Андреј Пленковиќ, а утре во придружба на хрватската претседателка ќе го посети и Меморијалното подрачје „Јасеновац“, каде што заеднички ќе оддадат почит на жртвите.
Утре двајцата претседатели ќе присуствуваат на економската конференција на одбранбени индустрии на двете земји.
Станува збор за трет израелски претседател што ја посетил Хрватска од нејзиното осамостојување, но по прв пат се работи за државна посета.
Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ го посети Израел во 2015 година и во таа прилика го посети Меморијалниот центар „Јад Вашем“.