Fatjon Cuka
25 Септември 2025•Ажурирај: 26 Септември 2025
ТИРАНА (АА) - Советот на министри на Албанија одлучи да го разреши градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој моментно е во притвор, јавува Анадолу.
Одлуката за разрешување на градоначалникот Велиај е донесена на денешниот состанок на Советот на министри по предлог на Советот на Општина Тирана.
Разрешувањето на градоначалникот на Тирана за Анадолу го потврдија официјални извори од албанската Влада.
Според Уставот на Албанија, денешната одлука може да се обжали пред Уставниот суд.
На 23 септември Советот на Општина Тирана ја одобри нацрт-одлуката „За предлогот за разрешување на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај“, со аргумент дека „главниот град нема свој избран градоначалник поради кривичниот процес што се води против него“.
Во врска со тоа, на вчерашниот состанок во седиштето на Социјалистичката партија, премиерот Еди Рама изјави дека Советот на Општина Тирана го одобри разрешувањето на градоначалникот во отсуство за да се отвори пат за нови избори.
„По седум месеци без градоначалник избран на функцијата и, исто така, без градоначалник правно осуден во врска со неговата должност, бевме принудени да направиме дискутабилен чекор во врска со Ерион Велиај, но задолжителен во врска со судбината на главниот град на Албанија“, рече Рама.
Градоначалникот на Тирана, Велиај, беше уапсен на 10 февруари, осомничен од властите за корупција и перење пари и моментно е во притвор.
Во меѓувреме, на сопругата на Велиај, Ајола Џокса, ѝ е изречена мерка „забрана за напуштање на земјата“ и „обврска за јавување во судската полиција“, која е осомничена за неколку кривични дела.
Велиај е градоначалник на Тирана од 2015 година, извршуваше и функции во Владата на Албанија, а беше и член на Парламентот.