Admir Fazlagic
11 Ноември 2017•Ажурирај: 12 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи Никола Димитров се сретна со министерот за европски прашања на Република Косово, Дурата Хоџа на маргините на регионалната Конференција „Градење капацитети и регионална соработка во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан”, која деновиве се одржува во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На средбата беа разменети мислења за регионалната и билатералната соработка, кои бележат подем. Во тој контекст, се разговараше за можностите за унапредување на соработката со Република Косово на планот на евроинтеграциите, и за споделување на стекнатите искуства на Република Македонија на тој пат", соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија (МНР).
Како што информираа од ресорното министерство на средбата стана збор и за последните реакции во Република Косово поврзани со изречените првостепени судски пресуди во случајот „Дива населба”.
„Министрот за надвошрени работи Димитров оцени дека одлуката на Владата на Република Косово за издвојување на буџетски средства за финансиска поддршка на семејствата на осудените државјани на Косово не е во духот на градење европска иднина за регионот засновано на владеење на правото, што е заеднички интерес на двете земји", се наведува во соопштението на МНР.
Потсетуваме, на 2 ноември, Кривичниот суд Скопје ја соопшти пресудата за 37 обвинети од оружената група за настаните во 2015 година во кумановската „Дива Населба“. Осуммина обвинети се осудени на доживотен затвор, четворица беа пуштени на слобода, додека на дел од останатите обвинети им беа изречени кази од 12 до 40 години затвор. Обвинетите беа осудени за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“.
Шеснаесетмина од обвинетите за кривичните дела „терористичко здружување“ и „тероризам“, се државјани на Косово, еден на Албанија, еден на Германија, додека другите се Албанци од Македонија.
На 9 и 10 мај 2015 година, во „Дива Населба“ во Куманово, оружена група се судри со безбедносните сили на Македонија. За време на судирот беа убиени осум полицајци од специјалните единици на Министерството за внатрешни работи, а 40 беа повредени. Во судирот исто така, беа убиени и 10 припадници на оружената група.
По соопштување на пресудите за овој случај, во Приштина и во Скопје се одржаа протести во Приштина и во Скопје поради незадоволство од пресудата на Кривичниот суд.
Демонстрантите, кои минатата недела протестираа во Скопје, побараа меѓународна истрага за случајот „Дива Населба“, нагласија дека ќе продолжат да протестираат на различни начини сѐ додека не се повтори истрагата од страна на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД), бидејќи, според нив, судската одлука била политичка.