Ivana Ramadanova
04 Јуни 2017•Ажурирај: 04 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на состанокот на министри за надворешни работи во рамките на состанокот на лидерите од Процесот „Брдо Бриони“ во Брдо кај Крањ, Словенија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Новата реформска Влада на Република Македонија е сериозно подготвена и цврсто решена нашата земја да стане дел од евроатланските интеграции, а тоа е шанса не само за Република Македонија туку и за регионот и за самиот процес на пристапување“, истакна Димитров.
Тој нагласи дека независните и силни институции се стожерот на стабилноста на државите. Јакнењето на институциите, владеењето на правото, промоцијата на културата на дијалогот и компромисот се нашите аргументи за забрзана евроатлантска интеграција.
„ЕУ треба да остане искрена и директна при евалуирањето на нашите реформски и демократски процеси. Наша задача е да работиме на квалитативна трансформација на нашето општество. Да работиме на обезбедување на одговорно владеење и независни институции. Нашата цел е да изградиме модерна европска демократија, а ЕУ адекватно да ги валоризира реформите на тој пат. Зачленувањето во ЕУ и во НАТО е нашиот врвен стратешки приоритет“, заклучи министерот Димитров.
Делегацијата на Република Македонија на настанот ја предводеше претседателот Иванов, а покрај претседателите и министрите на надворешни работи на државите учеснички во Процесот, учествуваа и високи претставници на држави, членки на ЕУ. Овогодишен специјален гостин на состанокот беше федералниот претседател на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер.
На маргините од состaнокот, Димитров оствари билатерални средби со неговиот колега Словенија Ерјавец и на Хрватска Штир. На средбите беше изразена поддршка на евроатлантските аспирации и на реформските приоритети на Македонија. Министерот Димитров истакна дека државите членки на ЕУ треба да го искористат моментумот во Македонија како можност за ревитализација и зајакнување на европските перспективи во регионот, нужни за негова одржлива стабилизација и развој.