Admir Fazlagic
13 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес имаше средба со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, кој престојува во работна посета на Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР), на средбата било разговарано за евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот.
Министерот Димитров ја потенцираше важноста од понатамошната поддршка на САД во евроатлантските интеграции на Република Македонија и соработката заснована на стратешкото партнерство: „Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион“.
Во соопштението се наведува дека помошник државниот секретар, Вес Мичел, повторно ја реафирмирал силната поддршка на САД за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ.
„Тој ги поздрави напорите на Република Македонија на тој пат, особено со конструктивната политика со соседите, како и постигнувањето на решението за спорот околу името со Грција. Во тој контекст, тој ги повтори очекувањата за успешен референдум и имплементација на Договорот со Грција, со цел заокружување на процесот на зачленување во НАТО и Европската Унија", информираат од МНР.
Во рамките на денешната посета на Македонија, најавено е помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, да се состане со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, а по средбата предвидена е и заедничка конференција за медиумите.