Senada Ibraimova
04 Јануари 2017•Ажурирај: 04 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на јавна седница едногласно ги одби сите приговори за јавни вработувања во ек на изборите, кои според коалицијата предводена од СДСМ се во спротивност со членот 8-а од изборниот законик, јавува Anadolu Agency (AA).
ДКСК на јавна седница ги разгледа приговорите што ги поднесе коалицијата предводена од СДСМ преку овластеното лице Стевица Јосифовски, а се однесуваат на конкурсите за вработување објавени по распишувањето на изборите, и тоа во Министерството за правда, АД Македонска пошта (подружница ГЦПС Скопје 2), НУ „Театар за деца и младинци“ и против политичката партија ВМРО – ДПМНЕ за отпочнување градба за време на избори во селото Зрновци.
Комисијата едногласно ги одби сите приговори поднесени од коалицијата предводена од СДСМ, а беше одбиен и приговорот поднесен од лицето Наталија Белчевска од Валандово, против Агенцијата за вработување на РМ (АВРМ), кој исто така се однесува на вработување кадар за време на изборниот процес.
Членовите на комисијата ги реферираа предметите за коишто, како што рекоа, добиле конкретни одговори од институциите до кои се обратиле во врска со нив.
Членот на ДКСК, Горан Миленков реферираше за предметот поднесен против Министерството за правда, кој се однесува на објавување конкурс за именување 6 нотари за време на изборниот процес. Тој рече дека по разгледувањето на приговорот, комисијата се обратила до Министерството за правда и побарала изјаснување со соодветна документација во однос на овој приговор. Според Миленков, одговорот од Министерството укажува на тоа дека не се совпаѓаат датумите за објавување на конкурсот од приговорот и оние од „Службен весник“, за што, како што рече тој, имаат доставена фотокопија од објавениот конкурс, односно конкурсот бил објавен пред изборниот процес. Тој предложи да се одбие овој предлог, по што комисијата едногласно го одби.
За предметот за наводно противзаконско вработување во Македонска пошта за време на изборниот процес реферираше Сузана Таскова Аџикотарева. Таа истакна дека од добиената документација од Македонска пошта, во однос на овој приговор, произлегува дека конкурсот објавен на 19.11.2016, односно во време на изборниот процес, за вработување шалтерски работник во институцијата сѐ уште не е завршен. Од Македонска пошта им доставиле писмена согласност од Министерството за финансии за одвојување буџет за ова работно место, како и барање од раководителот на РЕ шалтери, за „итноста за вработување шалтерски работник“. На предлог на Аџикотарева, комисијата едногласно го одби и овој приговор.
Комисијата исто така едногласно го одби приговорот на коалицијата предводена од СДСМ во врска со конкурсот на НУ „Театар за деца и младинци“, објавен на 16.11.2016, за вработување двајца актери на неопределено време. Референтот на предметот, Сејди Халили нагласи дека во членот 8-а, став 1, алинеја 4 од изборниот законик се вели дека забраната за вработување за време на избори важи „освен за итни и неодложни работи“. Според него, документацијата што ја доставиле од Театарот за деца и младинци укажува на неоснован приговор од страна на подносителот. На негов предлог, комисијата едногласно го одби приговорот.
Халили предложи и да се одбие приговорот поднесен од Наталија Белчевска од Валандово, кој се однесува на конкурсот за вработување на 8 лица во АВРМ, објавен на 5.10.2016. Според него, доставената документација од страна на Агенција за вработување на Република Македонија (АВРМ) укажува на неоснованост на приговорот, бидејќи како што рече, во АВРМ се појавила итност за вработување поради зголемениот обем на работа во централната служба на агенцијата, како и во подрачните служби во Скопје, Куманово, Струмица, Штип и во Свети Николе. Исто така, од АВРМ доставиле и писмена согласност од Министерството за финансии за одвоен буџет за горенаведените вработувања. Комисијата едногласно го одби и овој приговор.
Аџикотарева реферираше и во однос на приговорот против политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, кој се однесува на почнување со изградба на детска градинка од страна на локалните власти во село Зрновци на 5.12.2016, односно за време на изборите.
Таа рече дека документацијата што ја добиле од општина Зрновци укажува на тоа дека се започнати активностите за изградба на детската градинка, но оти камен-темелникот не е поставен. Таа исто така пренесе дека договорот за изградба е потпишан пред изборниот процес, како и дека општината имала претходно обезбедено средства за изградба на еден ваков објект.
На предлог на Аџикотарева, комисијата едногласно го одби приговорот и по овој предмет.