Shpetim Hiseni
25 Ноември 2026•Ажурирано: 25 Ноември 2026
Со едноминутно молчење во чест на убиените жени и девојки, во Скопје се одржа протест против насилството врз жените, организиран од Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“, јавува Анадолу.
Протестот започна пред Собранието на Северна Македонија, продолжи низ центарот на градот и заврши пред Министерството за внатрешни работи.
Демонстрантите побараа од институциите до 10 декември, Денот на човековите права, да преземат конкретни мерки за заштита на жените од насилство.
Претставниците на движењето побараа усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и на уште осум закони за кои е формирана работна група.
Тие побараа и издвојување на најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство, како и институционална одговорност за случаите на фемицид.
„Нема повеќе изговори, нема да ви дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот“, беше истакнато на протестот.
На протестот присуствуваа и политички претставници и личности од јавниот живот во земјата.