СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), за првпат беа доделени наградите „Јуџел“ на Турците од Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, организирана е церемонија на која во 10 различни категории им е доделена наградата „Јуџел“ на лицата кои покажале успех во Северна Македонија, Турција и на меѓународно поле.
На церемонијата учествуваа претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Салих Мурат; заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија, Умут Љутфи Озтурк; портпаролката на Министерството за култура на Република Северна Македонија, Нурџан Асановска; претседателот на Македонско-турската стопанска комора (МАТТО), Ајдоган Адемоски; претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин; претставници на турските институции и организации, претседатели на политички партии, академици, професори, членови на жири-комисијата и голем број гости.
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, за новинарите изјави дека подготвиле една програма со која имаат за цел на церемонијата на доделување на награди „Јуџел“ да ги наградат своите сонародници за покажаниот успех на повеќе полиња и за лојалноста кон сопствената држава.
Истакнувајќи дека Турците од Северна Македонија треба да ги ценат сопствените вредности, претседателот на МАТУСИТЕБ, Емин, изјави: „Ние мораме да го цениме нашиот народ, бидејќи доколку ние не им излеземе во пресрет на нашиот народ, на нашите вредности, на нашите успешни поединци, институции, тогаш нема да биде можно ниту другите да го сторат тоа.“
Емин потенцираше дека од големо значење е тоа што името „Јуџел“ ѝ е дадено на церемонијата за доделување награди.
„Тие национални херои, лојални кон својот народ и неговите вредности, платија висока цена за своите сонародници, за турската нација во Северна Македонија. Денес, опстојувањето и продолжувањето на работата на радиопрограмата на турски јазик при МРТ е благодарение на нивните напори започнати во 1944 година. Благодарение на нив започна и објавувањето на весникот „Бирлик“. Се надевам дека целата организација која има за цел на идните генерации да ѝ го пренесе името Јуџел, подобро да ѝ го објасни движењето Јуџел и да ги возвиши нивните имиња, нивната пожртвуваност и лојалност, ќе помине во најдобар ред“, истакна Емин.
Портпаролката на Министерството за култура на Република Северна Македонија, Нурџан Асановска, истакна дека доделувањето на наградите „Јуџел“ е од големо значење за турската заедница во Северна Македонија, и додаде дека Министерството за култура на Северна Македонија преку МАТУСИТЕБ ќе продолжи да соработува со турските невладини организации во земјата.
Нуман Аруч, член на комисијата за доделување на наградите „Јуџел“ на Турците од Северна Македонија и член на македонската Академија за наука и уметнсот (МАНУ), изјави дека МАТУСИТЕБ се обидува да биде предводник на повеќе полиња, истакнувајќи дека еден таков проект е остварен со оваа церемонија.
„Наша цел е давање поддршка за иднината на нашите деца кои се во подем. Донесовме одлука да им доделиме награда за напредокот на луѓето кои имаат подем на секое поле, во спортот, образованието, музиката, уметноста, науката“, посочи Аруч.
На церемонијата на доделување на наградите „Јуџел“, во областа на образованието, наградата за наставник на годината ја доби Семра Нанушева Салиова, наставничка по турски јазик во Радовиш; наградата за професор/научник на годината му е доделена на проф. д-р Јусуф Хамзаоглу; наградата за светла ѕвезда на годината му е доделена на Елиф Елмас, фудбалер на тимот Наполи во италијанската Серија А.
Наградата за животно дело му е доделена на Илхами Емин, еден од најзначајните личности на турската книжевност во Северна Македонија; наградата за актер на годината ја доби актерката Филиз Ахмет која одигра голем број ролји во турските серии и филмови; наградата за спортист на годината му е доделена на Азиз Ислами, деветкратен шампион на Северна Македонија.
Наградата за книжевник на годината му е доделена на поетот и писател Мехмед Ариф; наградата за уметник на годината му е доделена на Месут Куртиш; наградата за новинар на годината му е доделена на новинарот на весникот „Јени Балкан“, Бунјамин Лиман, а посебна награда жири-комисијата им додели на радио-телевизиските програми на турски јазик при МРТ.
Гостите на церемонијата на доделувањето на наградите имаа можност да проследат видео за движењето „Јуџел“ и куса музичка програма.
- Движење „Јуџел“
Турците коишто живееја во земјава, во 1937 година почнаа да се обединуваат со цел да ги сочуваат националните и духовните вредности, своите обичаи и традицијата.
Во 1945 година на организацијата ѝ беше дадено името „Јуџел“. За претседател на организацијата беше назначен Шуајб Азиз Ефенди, кој се школувал во скопската медреса „Атаулах Ефенди“, а студиите ги продолжил на Универзитетот „Ал Азхар“ во Египет, каде што студирал во областа на верското право, мистицизмот и филозофијата на западниот свет.
Во рамките на напорите на поранешна Југославија за елиминирање на сите национални организации, во август 1947 година беа приведени 16 лица, за кои започна судски процес.
На 25 јануари 1948 година судот на смртна казна осуди четворица членови на движењето „Јуџел“, Шуајб Азиз, Адем Али, Али Абдурахман и Назми Омер, кои беа стрелани на 27 февруари истата година. Останатите притворени членови на „Јуџел“ беа осудени на тешки затворски казни.